Србија е воено неутрална и затоа можеше да си дозволи директни преговори за набавка на вакцини со земји кои не се дел од ЕУ и НАТО, како што е Русија и Кина. Ние одлуките ги носиме според стратешките определби, рече премиерот Зоран Заев во интервју на Сител, на прашањето зошто Македонија не можеше да биде позитивен пример како Србија во однос на динамиката на имунизацијата.
„Ние сме различни од Србија, затоа што нашиот народ одлучил ние сме про-НАТО, нашите одлуки ги носиме согласно од нашите стратешки определби и веројатно Србија, заради тој факт, бидејќи се изразуваат како воено-политички неутрални имаа можност директно да склучуваат договори со земјите кои не се членки на ЕУ или НАТО, односно Кина и Русија, ние не можевме тоа да си го дозволиме“,
рече Заев.
Премиерот рече дека ова се променило кога светот увидел дека има недостаток на вакцини.
„Тогаш генерално се разви политика и стратегија дека ова е суверено право и ние веднаш постапивме и веднаш ги направивме нарачките од Кина и Русија“,
рече Заев.
Заев рече дека Македонија не ги одбила вакцините што Русија ги понудила уште лани, туку дека се чекало на завршување на третата фаза на тестирање и официјална документација.
Тој повтори дека земјава има нарачано околу 2 милиони и 350 илјади вакцини и оти се очекува од крајот на овој месец да почнат да пристигнуваат поголеми количини.
„Договорот со Фајзер договорот е потпишан. До крајот на март 21.000 вакцини ќе стигнат. Од април, мај почнуваат да стигнуваат поголемите количини. Преку Ковакс очекуваме 20-30.000 да стигнат до крајот на март. Во март очекуваме да стигнат и кинеските. Работите зависат од севкупните количини произведени во светот“,
рече Заев во интервјуто на Сител.