Со руската вакцина веројатно ќе почне да се имунизира постарото население, размислувањата на здравствените власти се тоа да бидат лицата сместени во старските домови или кадарот што работи таму
Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција рече дека засега освен кај еден-двајца здравствени работници, од тие што веќе се вакцинираа против ковид-19, нема несакани ефекти освен тие што ги пишува во упатството за вакцината на „Фајзер“.
Исто така, тој вели оти нема информации и дека некој што се вакцинирал отпосле се заразил со вирусот.
„Тоа што можам да го кажам е дека освен покачена температура еден ден – вечерта, после вакцинацијата, кај еден или двајца здравствени работници и локална реакција на местото на вакцинација, во смислам на црвенило и блага болка и лимфаденопатија од отекување на лимфи јазли во пазувата, нешто што беше опишано во упатството како можен несакан ефект, друго нема“,
изјави Филипче.
Во земјава се користи вакцината на „Фајзер“, која ја добивме како донација од Србија, а досега се вакцинирани околу 3 500 здравствени работници.
Вчера во земјава пристигнаа и 3 000 дози од руската вакцина „спутник В“ од нарачани 200 000 дози (за 100 000 луѓе). Министерот вели дека најдоцна за три недели треба да пристигне и втората доза за лицата кои ќе почнат да се вакцинираат со „спутник В“, согласно обврската што ја презела руската компанија.
„Истовремено денеска, веќе утрово, интензивно разговараме со претставници на руската амбасада, кои помагаат да стигне и поголема количина“,
вели Филипче.
Денеска се очекува и дефинитивна одлука за тоа кој ќе почне да се вакцинира со руската вакцина.
„Денеска со дефинитивен став треба да излезе тимот што ги евалуира упатствата за руската вакцина. Веројатно дека ќе бидат постарите лица, сега има и некои мислења во однос на тоа дали да се почне со старските домови и со луѓето што се сместени таму или со дел од кадарот, така што дефинитивно денеска ќе го знаеме тоа“,
рече Филипче.