Заев не си купи мирно владеење, туку броени денови на Владата, која е на стаклени нозе, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за Дојче веле
Според Уставот, прашање за доверба на Влада не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, што во случајов би значело до почетокот на јуни, освен ако зад ваква иницијатива застанат 61 пратеник
Следното прашање за доверба на Владата ќе го постави опозицијата, кога ќе имаме 65 пратеници. Ова го најавува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава за Дојче веле коментирајќи за вчерашните случувања во парламентот, каде што Владата на Зоран Заев повторно доби поддршка од 62 пратеници.
„Тука морам да сум искрен – не сум ниту изненаден ниту неспокоен. Тие византиски игри и сплеткарања многу бргу ќе му се вратат како бумеранг. Јас можам да кажам граѓаните да бидат спокојни. Гласањето доверба на еден шверцерски начин, без дебата, само потврдува дека Заев не е сигурен во своето мнозинство, но и тоа дека нема ништо од најавите за негово зголемување“,
потенцира Мицкоски.
Според него, со овој потег Заев не си купил мирно владеење, туку добил уште броени денови за Владата, која, како што оценува повторно, е на стаклени нозе.
„Што се однесува до тезата дека со ова си купил мирно владеење, вистината е дека си купил уште броени денови за Владата, која е на стаклени нозе и на апарати за дишење. Тоа што ја користи состојбата на мојата изолација поради заразата со ковид, сакам да знаете дека не го спасува од паѓање на Владата. Прашањето за доверба наредно ќе го постави опозицијата, во моментот кога ќе осигура 65 пратеници кои ќе се потпишат. Тоа ќе биде денот каде што сите негови актуелни закани, уценувања и притисоци врз пратеници ќе паднат во вода. Оваа влада ќе падне. Првиот сериозен знак за тоа го видовме, Заев сам беше принуден да го стави прашањето за доверба. Наредниот пат тоа ќе го направиме ние“,
тврди Мицкоски.
Според член 92 од Уставот, прашање за доверба на Влада не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, што во случајов би значело до почетокот на јуни. Исклучок би можело да биде ако прашањето за доверба го постават најмалку 61 пратеник.

Оваа влада беше избрана на 30 август, така што половина година од функционирањето се соочи со првиот тест на доверба во Собранието, а Заев стана прв премиер кој самиот побара да му се гласа доверба на неговиот кабинет.
За разлика од пред шест месеци, кога 51 од вкупно 58 опозициски пратеници гласаа „против“ изборот на новата влада на СДСМ и на ДУИ, овој пат ниту еден опозиционер не гласаше за недоверба на кабинетот на „Илинденска“, така што изјаснувањето заврши со резултат 62 спрема нула, односно за доверба гласаа сите пратеници што останаа во салата.