Лидерот на опозицијата и после денешното гласање доверба на Владата, ги повтори тврдењата дека таа ќе падне и најави дека повторно ќе биде покренато гласање
Не е израз сила, туку доказ за слабост тоа што денешното гласање за доверба на Владата беше без дебата, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Нема човек кој е задоволен од оваа Влада и затоа сите граѓани со мачнина го гледаат ова денешно препелкање на Заев во Собранието. Јас ќе речам, бидете спокојни. Најдоброто за нашата земја допрва доаѓа“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.
Нема човек кој е задоволен од оваа Влада и затоа сите граѓани со мачнина го гледаат ова денешно препелкање на Заев во…
Posted by Hristijan Mickoski on Wednesday, March 3, 2021
Тој уште го обвини Заев дека ја искористил неговата изолација поради ковид, но вели дека тоа нема да ја спаси Владата за која вели дека е на „апаратите за дишење“ .
„Тоа што на мала врата на сила протуркува во Собрание гласање за недоверба на Владата, ограничувајќи ја јавната дебата никако не е израз на неговата сила, туку е доказ за неговата огромна слабост, но и недоверба во мнозинството кое многу лесно ќе го загуби. Тоа што ја користи состојбата на мојата изолација поради заразата со ковид вирусот, сакам да знаете дека не го спасува од паѓање на Владата. Вака ќе купи уште некој ден живот на Владата приклучена на апарати за дишење, но исто како и мојата ковид – зараза тие денови ќе поминат. А тогаш повторно ќе се постави прашањето за доверба на Владата, при што сите негови актуелни закани, уценувања и притисоци врз пратеници ќе паднат во вода, и ден потоа Заев нема да биде премиер. Се гледаме наскоро!“,
напиша Мицкоски попладнево на Фејсбук, откако Владата со 62 гласа доби доверба во Собранието.
Истото прашање, како што е предвидено со Уставот, не може да се постави во наредните 90 дена во парламентот.