Премиерот Заев ги објасни причините поради кои бара гласање доверба на Владата. Тој смета дека граѓаните секој ден се изложени на лажни вести и дезинформации за некакво ново непостоечко мнозинство, па тој решил да ја провери довербата што пратениците ја имаат во неговата влада.
Премиерот рече дека сега е момент во парламентот да се види дали станува збор стабилна власт со стабилно парламентарно мнозинство или за разнишана опозиција, мора да е едното од двете, нагласи тој.
„Ред е да се соочиме и да расчистиме, да го видиме на дело тоа толку многу најавувано наводно мнозинство од опозицијата кое наводно ќе ја падне оваа влада, ова е моментот кога ќе им покажеме на граѓаните колку има вистина во зборовите на опозицијата, ова е моментот да видиме за што всушност станува збор, стабилна власт со стабилно парламентарно мнозинство или разнишана опозиција, мора да е едното од двете, ако не и двете заедно. Покрај сите обиди за опструкции и блокади од лидерството на ВМРО-ДПМНЕ граѓаните секој ден се изложени на лажни вести и дезинформации за некакво ново непостоечко мнозинство, за некоја нова нестабилност и што ли уште не, само поради внатрепартиски цели во ВМРО-ДПМНЕ упорно се пласираат лаги со цел да се да се создаде перцепција на несигурност кај граѓаните, на неизвесност за економијата, сепак како и секогаш вистината е најсилното оружје против лагите, лажните вести и невистините, парламентарното мнозинство, јас, Владата и коалицијата нема да дозволиме неизвесност, несигурност, сопки, блокади и опструкции, во име на сето претходно кажано, во име на вистината ја преземам одговорноста и обврската пред граѓаните согласно член 93 став 1 од уставот и член 217 став 2 од деловникот на Собранието да побарам изјаснување на Собранието за доверба на Владата“,
истакна Заев поднесувајќи го усно барањето за гласање на Владата.