Собирањето потписи беше најавено дека ќе се спроведе преку подрачните единици на Министерството за правда, но планот пропадна, откако Собранието не даде зелено светло за постапката, бидејќи иницијативата од ВМРО-ДПМНЕ беше поднесена со старото уставно име на државата
ВМРО-ДПМНЕ денеска објави дека за два дена собрале 45 000 граѓански потписи на пунктови поставени во повеќе градови.
Никој повеќе го нема правото да го игнорира народот, затоа што народот е силата, енергијата и кај него е вистината. 45 илјади потписи за вистински попис. Но и многу поширока порака за власта, која ако сега не ја разбираат, ќе ја разберат многу скоро“,
соопштија денеска од опозициската партија.
Собирањето потписи беше најавено дека ќе се спроведе преку подрачните единици на Министерството за правда, но планот пропадна, откако Собранието не даде зелено светло за постапката, бидејќи иницијативата, ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе со старото уставно име на државата.
Дали тоа знали дека дека сегашното собирање потписи е залудно? Професорот Борче Давитковски вели да.
Во изјава за ТВ 24 тој сето ова го оценува како театралност без правна потпора, односно дека не значи ништо.
„Ако сакаа правно да биде издржано, требаше да одат согласно законот, да собираат потписи преку подрачните единици, каде што можеа да соберат 10 илјади потписи за да се покрене законодавна иницијатива. Второ, ова мислам дека е повеќе театрално однесување пред локалните избори. Имаат толку многу пратеници така што кој било пратеник или цела пратеничка група можеа да дадат измени за законот за попис“,
вели Давитковски.
Ова предизвика реакција од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој не се согласува, но неговиот коментар отиде подалеку од само реакција на несогласување, при што тој професорот од Правниот факултет го нарече со навредливи зборови.
„Не колега, ако можам така да те наречам. Не собира Мицкоски потписи, народот се крена! Ова се потписите на народот против таквите слуги на сите власти како тебе. Ви доаѓа крајот па се вознемирувате. Ајде член на твоето семејство ќе остане уште малку да цица од нашите крваво заработени денари. Народот ќе продолжи да се бори и да собира потписи за да може да се ослободи од амебите во општеството. Ве разбирам, но не можам да ве оправдам“,
напиша Мицкоски, споделувајќи цитат од изјавата на Давитковски.
Не колега, ако можам така да те наречам. Не собира Мицкоски потписи, народот се крена! Ова се потписите на народот…
Posted by Hristijan Mickoski on Sunday, February 21, 2021
Од владејачката партија се децидни дека пописот ќе се спроведе онака како што предвидува Законот за попис што Собранието го донесе на 21 јануари, во април.
Уште наредниот понеделник, еден месец пред останатите, започнува запишувањето на неколку категории граѓани – припадниците на Армијата, вработените во Дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, затворениците, бездомниците, но и оние државјани што живеат надвор од земјава.

Постапката ќе трае од 1. до 15. март, а ќе ја спроведат 30-тина вработени во Државниот завод за статистика. Лицата кои се на привремена работа или престој во странство, а имаат живеалиште или престојувалиште во земјава, од први март до 21-ви април, ќе се самопопишуваат преку апликација што наредниот понеделник ќе биде објавена на веб-страницата на Статистика, со претходна регистрација.
Задутре ќе биде објавен огласот за пријавување попишувачи, чија обука стартува на 15-ти март, што ќе ја спроведат 150 претходно обучени инструктори. Тие ќе го спроведат пописот од 1. до 21. април.