Собранието треба да гласа најдоцна до полноќ. За евентуално изгласување „недоверба“ на вицепремиерот, ВМРО-ДПМНЕ треба да обезбеди минимум 61 глас
Mанипулацијата на јавноста за добивање на датумот за преговори со ЕУ, низа неуспеси на надворешната политика и брзоплетост при потпишување на договорот со Бугарија… се причините што ги набројува координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски за интерпелацијата против вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
Во денешното гостување во емисијата „Утрински брифинг“, пред стартот на собраниската седница на чиј дневен ред е првата интерпелација што ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ за член на актуелната влада, Мицевски оцени дека земјата се соочува со низа неуспеси на надворешна политика, што, како што рече, ја донесоа во многу неповолна ситуација, имајќи предвид дека Димитров беше и министер за надворешни работи кога се потпиша Договорот за добрососедство со Бугарија.
„За жал, гледаме дека овој брзоплет договор што тогаш беше потпишан сега ѝ прави големи проблеми на Република Македонија. Тоа го видовме во 2020 година, за време на претседавањето на Германија со Европската Унија, кога Република Македонија не можеше да го добие датумот за почеток на преговори“,
рече Мицевски.
Тој нагласи и дека, и покрај тоа што Комисијата за надворешни работи во парламентот побарала две средби Димитров, тој не се одважил да присуствува. Според Мицевски, токму поради нетранспарентноста на Димитров е поднесена интерпелација.
Собранието предмалку ја почна расправата за интерпелацијата за Димитров, за што ќе се одлучува најдоцна до полноќ. За евентуално изгласување „недоверба“ на вицепремиерот, ВМРО-ДПМНЕ треба да обезбеди минимум 61 глас. Од собраниската говорница, причините за интерпелацијата ги презентира потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
„Ние сме единствена држава во Европа во која и по четири и пол години владеење на една политичка опција и натаму за сѐ е виновна опозицијата“,
рече Николовски.
Тој рече дека земјава во изминатите години го смени името, дека се случи, како што рече, срамна промена на Уставот, а претходно се потпиша и Договорот за добрососедство со Бугарија… Ама, како што додаде, Македонија сѐ уште не ги почна преговорите со ЕУ.

Кога во декември минатата година ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе интерпелацијата, Димитров возврати дека опозициската партија со тој потег се става во друштво на разни центри, кои го напаѓаат него и директно се борат против македонските интереси.
Пред неколку дена уште двајца членови на Владата на Зоран Заев, од редовите на СДСМ, станаа „цел“ на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација и против вицепремиерот за спречување корупција Љупчо Николовски и против министерот за правда Бојан Маричиќ. Причина за оваа интерпелација е падот што го забележа С Македонија на листата на „Транспаренси“ за индексот на корупција.