СВР Струга треба да го утврди идентитетот на сторителот и да ги идентификува и другите присутни на настанот, а исто така ќе бидат обезбедени и евентуалните снимки од камери на кои е регистриран инцидентот
Основното јавно обвинителство Струга отвори предмет по допрен глас во врска со написите во одредени медиуми дека за време на одржувањето на Вевчанскиот карневал било запалено знаме на Република Бугарија.
Обвинителството ќе испитува дали во случајот има кривично дело повреда на угледот на странска држава, по член 181 од Кривичниот законик.
По наредба на Обвинителството, СВР Струга треба да го утврди идентитетот на сторителот и да ги идентификува и другите присутни на настанот. Исто така, ќе бидат обезбедени и евентуалните снимки од камери на кои е регистриран инцидентот, а ќе бидат преземени и други дејствија за расчистување на настанот, велат од ОЈО.
Министерството за внатрешни работи денеска го потврди настанот и информира дека работат на негово расчистување.
Настанот што се случи на карневалот во Вевчани предизвика реакции од Софија. Бугарската Владата упати вербален демарш, за што информираше бугарската министерката за надворешни работи Екатерина Захариева. Таа посочи дека на амбасадорот на Република Бугарија, Ангел Ангелов, му е порачано да го изрази пред Владата на Република Северна Македонија нивното силно негодување за тој чин.
И македонското Министерство за надворешни работи го осуди палењето на бугарското знаме на карневалот во Вевчани и оцени дека ваков чин е штетен по угледот на државата.
Со осуди се огласија и претседателот на државата, Стево Пендаровски и градоначалникот на Општина Вевчани, Сашо Јанкоски.
