Од опозициската партија велат дека ЕУ носи правила и закон за сите и порачаа дека доаѓа време кога истрагите нема да се нарачуваат по телефон

Процесот за ЕУ стои во место затоа што Мицкоски се плаши од европско обвинителство, рече денеска портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според Кузеска, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, укажува дека земјите кандидатки за членство во ЕУ ќе мора да се приклучат кон канцеларијата на европскиот јавен обвинител на Лаура Ковеси, додека уште не се членови.
Од СДСМ тврдат дека ова би значело оти ќе нема телефонски обвинител, а истрагата не запира пред презиме, функција и партиска книшка.
„Во Унгарија, досега се уапсени двајца министри од владата на Виктор Орбан. Така изгледа кога си во Унијата и кога власта не е организирана криминална група. Затоа арамијата ја затвора вратата. Затоа патоказ добиваат Црна Гора, Албанија, Молдавија, Украина“,
рече Кузеска на прес-конференција.
Кузеска ги критикуваше дипломатските активности на Владата, додека премиерот Мицкоски го обвини за недолично претставување на државата во странство.
„Пораката што сака да ја испрати Мицкоски е дека него, а со тоа и Македонија, не ја интересира ЕУ. Ова е затоа што реформи нема. Напредок нема. Одговорност нема. Ова е кога ваков нè претставува во светот. Изгужван, со раце во џебови, ловејќи фотоприлика. Така нè претставува човек што својот народ го нарекува талог, а себеси се смета за ’институција’ и елита – веројатно поради часовникот и оделото“,
додаде Кузеска.
Од опозициската партија велат дека ЕУ носи правила и закон за сите и порачаа дека доаѓа време кога истрагите нема да се нарачуваат по телефон.
„Власта наскоро ќе се врати во рацете на народот. Оваа група ќе одговара“,
рече портпаролката на СДСМ.
