Николоски се надева дека ќе се најде механизам што Европската комисија ќе може да го искористи и земјата да ги отвори пристапните преговори. Отворените прашања со соседите, вели тој, мора да се решат на еден или друг начин, но смета дека атмосферата ќе биде многу порелаксирана и позитивна ако ги започне преговорите

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на панел-дискусија посветена на проширувањето на ЕУ, која се одржала во Брисел во организација на тинк-тенк организацијата „Пријатели на Европа”, ги пренел економските и реформски процеси што се преземаат во земјава, нагласувајќи дека Македонија со тоа добро се справува.
„Македонија успешно ги спроведува реформските процеси, бележи трет најголем економски раст во Европа од 4,3 отсто во вториот квартал, целосно сме посветени и усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ’,
истакнал Николоски информираат преку соопштение од неговиот кабинет.
Се додава дека земјата генерално добро се справува со реформите, а Николоски вели дека сè што било побарано од земјата е исполнето.
„Што се однесува до реформите, генерално добро се справуваме. Беше споменат Планот за раст, сè што беше побарано од нас, направивме. Економијата буквално бележи рапиден раст. Во вториот квартал од оваа година имаме раст на БДП од 4,3 отсто, што е трет највисок во Европа. Она што е многу важно за мојата земја: имаме политичка, економска, но и меѓуетничка стабилност и кохезија, нешто кон кое стремевме во минатото. Кога ќе ја погледнете целата слика, земјата се движи во добар правец. Целосно сме посветени и усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија – не 80, не 90, туку 100 отсто. Единствената причина зошто не напредуваме, за жал е ова вето од Бугарија“,
истакнал Николоски.
Тој посочува дека поддршка од ЕУ за Македонија е голема, а значаен сигнал е тоа што претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен, доаѓа во Скопје.
„Сега работите дефинитивно се менуваат. Секако, ситуацијата со Украина и Молдавија му помага на целиот процес на проширување и тоа треба да се искористи. Постои интерес за регионот. Претседателката Фон дер Лајен доаѓа во Скопје – беше во Албанија, Црна Гора, Косово и доаѓа во Македонија, што е одличен сигнал. Се надевам дека ќе се најде механизам што Европската Комисија ќе може да го искористи и да ги отвориме пристапните преговори. Отворените прашања со соседите мора да се решат на еден или друг начин, но сметам дека атмосферата ќе биде многу порелаксирана и позитивна ако ги започнеме преговорите“,
рече Николоски.
На панелот, тој потенцирал дека успехот на регионот е заедничкиот настап и тоа веќе се препознава преку економскиот раст на регионот, преку развој на туризмот и развој на ависообраќајот.
