Захариева објави дека бугарскиот амбасадор во Скопје упатил остар вербален протест поради инцидентот
Амбасадорот на Бугарија во Скопје Ангел Ангелов упатил вербален демарш до македонското МНР поради информации дека е запалено бугарско знаме во Вевчани, каде што вчера полицијата го растури карневалот, од чија организација се откажа годинава Општината – поради ситуацијата со ковид – 19.
За демаршот, на Фејсбук, информира шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева.
„По повод медиумските објави за изгорено бугарско знаме во село Вевчани во Република Северна Македонија му порачав на бугарскиот амбасадор во Скопје Ангелов да го се изрази пред владата на РСМ нашето силно негодување за овој вандалски чин. Амбасадорот Ангелов веќе упати остар вербален демарш во Министерството за надворешни работи на РСМ“,
напиша Захариева.
Бугарските медиуми не пренесуваат повеќе детали за случајот кој предизвика вербален демарш од Софија до Скопје, освен дека за време на годинешниов карневал во Вевчани, кој немаше официјална организација, е запалено бугарско знаме.