Полицијата упадна на дефилето на Вевчанскиот карневал бидејќи се групирала поголема група без да се почитуваат мерките протв ширењето на коронавирусот. Традиционлниот Вевчански карневал кој се одржува околу 15 века на 13 јануари, беше најавувано за годинава дека ќе има посебни протоколи.
Од видеата кои се споделуваат на социјалната мрежа Фејсбук се гледа кошкање меѓу учесниците на карневалот и полицијата.
Како што информира портпаролот на СВР-Охрид, Стефан Димоски, полициски службеници денеска интервенирале во Вевчани поради непочитувањето на мерките и прописите за спречување на ширење на коронавирусот односно забраната за групирање на повеќе од четири лица со што се загрозува здравјето на граѓаните во услови на глобална пандемија.
„И покрај претходно постигнатиот договор на три одржани состаноци со лицата инволвирани околу одржувањето на оваа манифестација да се почитуваат мерките и да нема групирање, денеска поголема група на граѓани се собра во Вевчани, без почитување на мерките односно со недозволено групирање поради што мораше да интервенира полицијата. По документирање на случајот, ќе бидат поднесени и соодветни поднесоци. Апелираме до сите граѓани заеднички да придонесеме за спречување на коронавирусот односно за зачувување на здравјето како на жителите на Вевчани, така и на сите граѓани“,
информира Димоски.
Градоначалникот на Вевчани, Сашо Јанкоски, вчера соопшти дека тие како општина се откажале од организација на годинешните концерти, изложби и сите други активности кои се дел од карневалот се со цел да се заштити здравјето на граѓаните. Тој апелираше до сограѓаните празникот Св. Василиј вевчанци да го прослават во кругот на семејствата и со почитување на мерките против ковид-19.
„Наши непријатели не се ниту Комисијата за заразни болести, ниту МВР, ниту докторите и медицинскиот персонал кои апелираат да се почитуваат мерките и протоколите, напротив тие се на наша страна, во првите борбени редови грижејќи се за нашите животи. На сите преку глава ни е веќе од оваа болест, доста ни е од заболени и смртни случаи. Треба само уште малку дисциплина за да и ставиме крај на оваа болест и да се вратиме во нормалноста… Со придржување до мерките им помагаме на докторите и медицинскиот персонал во Вевчани барем малку да земат воздух, да издишат додека не лечат, си помагаме и сами себеси. Вековната традиција ќе продолжи и понатаму“,
напиша вчера Јанкоски на Фејсбук.
Пред една недела, кога се најавуваше како ќе се одбелжи годинешното издание на карнвелаот, заменик претседателот на василичарското друштво „Долна маала“, Перо Тешиноски рече дека имаат притисок од населението за одржување на традицијата, со која се „брка лошото“.
„Секојдневно разговараме со василичарите за почитување на мерките и протоколите. За предводниците, односно зетот, невестата, глупавиот август и музичарите можам да гарантирам дека ќе се придржуваат кон препораките за држење дистанца. Се надевам дека и останатите ќе го испочитуваат ветеното. Имаме голем притисок од жителите да се направи вековниот обичај, со кој се брка лошото“,
изјави тогаш Тешиноски.
Тие одлучиле да не се реализираат обичаите на 12 јанури, но маскенбалот денеска да се одржи под посебни протоколи со маски и држење растојание.