Меѓу оние што отсуствуваа поради ковид-ситуацијата е претседателот на поранешната Лустрациска комисија, Томе Аџиев и ексградоначалникот на Македонски Брод
Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје требаше да почне судскиот процес за предметот „Моќник“, каде што еден од обвинетите е пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, но ковид-19 го одложи стартот.
Ова е единствен предмет кој беше отворен од СЈО, а сега го води редовното обвинителство, во кој на обвинителна клупа треба да седне Милошоски. Се товари за делата измама и злоупотреба на службената положба и овластувања.
Со него, обвинети се и неговиот татко и ексградоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески. Тие се прво и второобвинет за делото измама. На обвинителна клупа за злоупотреба на службената положба и овластувања треба да седнат и претседателот на некогашната Лустрациска комисија, Томе Аџиев и осум нејзини члена. Една од членките на оваа комисија, која беше обвинета, во меѓувреме почина.

Милошоски, неговиот татко и повеќето од вкупно 13 обвинети утрово се појавија во судот, меѓутоа дел од нив се наоѓаат во изолација поради позитивен тест за ковид-19 или контакт со позитивно лице, што беше една од причините да се одложи денешното прво рочиште. Меѓу оние што отсуствуваа поради ковид-ситуацијата е претседателот на поранешната Лустрациска комисија, Томе Аџиев и ексградоначалникот на Македонски Брод. Тројца члена на поранешната Лустрациска, пак, имале неуредна покана и не се појавија во судот.
Судијката Ленка Давиткова следното рочиште го закажа за 23 декември.
Предметот се однесува за продажба на имот во 2011 година (зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3 920 квадратни метри) во село Ижишта, кој бил во сопственост на Општина Македонски Брод, а го користела Општина Пласница. Имотот му бил продаден на таткото на пратеникот. Штетата што ѝ е направена на Општина Македонски Брод и на државниот буџет, според обвинителството, е околу 50 000 евра. Имотот, според обвинителството, бил продаден откако таткото на Милошоски и градоначалникот со лажно прикажување и прикривање факти за правниот статус и вистинската вредност ги довеле во заблуда советниците во Општина Македонски Брод дека станува збор за друг објект и тие изгласале одлука за продажба.
Откако се случила продажбата, градоначалникот на Пласница (чија општина го користела објектот) го контактирал пратеникот и побарал од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ да ја испита постапката за продажбата. Била оформена комисија од страна на Владата, но обвинителството тврди дека Милошоски ја искористил позицијата на пратеник од власта и вршел континуиран притисок. Меѓу неговите активности било и тоа што организирал друго лице да поднесе барање со наводи кои треба да иницираат лустрација на судија од Кичево.
Уште кога беше отворена истрагата за случајот, членовите на Лустрациската комисија се споменуваа во насока дека неосновано го лустрирале судијата за кој се сметало дека е близок на градоначалникот на Пласница и може да го штити во судскиот процес во врска со продажбата на овој имот.
Од тие причини, на обвинителната клупа за „Моќник“ треба да седнат и десеттемина поранешни лустратори, меѓу кои и претседателот Томе Аџиев. Против нив, обвинителството поднесе обвинителен предлог за злоупотреба на службената положба.
Повеќе детали за обвинението можете да прочитате ТУКА.