Зоран Милески – Кичеец до Основниот кривичен суд во Скопје побарал одложување на издржувањето на затворската казна и затоа не се пријавил во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, потврдуваат од судот.
Од Кривичниот суд велат дека за неговото барање ќе одлучи судија за извршување санкции по што преку соопштение ќе ја информираат јавноста за тоа дали ќе добие одложување или сепак ќе мора да влезе во Шутка.
Засега нема информации кои причини Кичеец ги навел во неговото барање.
Според Законот за извршување санкции, осудено лице може да побара одлагање на почетокот на извршувањето на затворската казна од неколку причини, меѓу кои се: болничко лекување од потешка акутна болест или зависности; смрт или тешка болест во потесното семејство; извршување на неодложни полски или сезонски работи; завршување на училишна година или полагање на испит и др.

Иако поднел барање, Кичеец вчера во јавност даде лажна информација во изјава за ТВ24 во која рече дека не бара одложување.
Тој е осуден во предметот „Рекет“ за делото примање награда за противзаконито влијание за кое уште на првото судско рочиште на 3 декември лани призна вина.
Кичеец со неговите адвокати се жалеа на висината на казната, но Апелацискиот суд на 4 септември 2020 соопшти дека ја потврдуваат санкцијата, а му ја прифатиле жалбата за одземените предмети.
По одлуката на Апелација, тој пред дваесетина дена доби упатен акт во кој пишуваше дека вчера на 12 октомври треба да се пријави во затворот во Шутка за да ја издржи казната. Кичеец во затвор би требало да помине помалку од три години, бидејќи околу 8 месеци беше во притвор (прво во затворот „Скопје“, а потоа во домашен) кој период влегува во пресметувањето на казната.
Другите двајца обвинети во предметот „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева, не признаа вина и ним им се судеше во редовна постапка. Од првостепениот суд Бојан Јовановски – Боки 13 доби 9 години затворска казна за делата перење пари и примање награда за противзаконито влијание, а Катица Јанева доби 7 години затвор за злоупотреба на службената положба. Пресудата за нив сè уште не е правосилна.