Зоран Милески-Кичеец до утрово не влегол во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, каде што требаше да се јави на издржување на затворската казна од три години за случајот „Рекет“, велат од управата на затворот.
Неговиот упатен акт од Основниот кривичен суд во Скопје беше со вчерашен датум – 12 октомври 2020, но според информациите од затворот тој ниту до полноќ ниту утрово не влегол во затворот.
Од затворот велат дека очекуваат тој денеска да се пријави, а ако не го направи тоа во наредните неколку часа, ќе испратат известување до судот и до полицијата.
Кичеец вчера самиот излезе со изјава за ТВ 24 дека ќе се пријави во затворот во Шуто Оризари.
Тој е осуден за делото примање награда за противзаконито влијание за кое уште на првото судско рочиште на 3 декември лани призна вина.