Украинскиот претседател Володимир Зеленски преку објава на платформата Икс ги честита изборните резултати, оценувајќи ги како почеток на значајни промени
„За танго се потребни двајца. Се надеваме дека новите српски студентски лидери ќе разберат дека соработката со Русија е во интерес на нивната земја“, вели портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

По бројните реакции од Европа и регионот за изборните резултати во Србија, на кои загуби досегашната власт предводена од Александар Вучиќ и Српската напредна партија (СНС), реакции имаа и од Москва и од Киев.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски преку објава на платформата Икс ги честита изборните резултати, оценувајќи ги како почеток на значајни промени.
„Ова е несомнено ново поглавје во историјата на оваа земја и нејзиниот народ. Ѝ посакуваме на Србија успех, вистински развој и срдечни односи со европската заедница. Подготвени сме да продолжиме да ја прошируваме нашата соработка и нека се остварат сите добри надежи на српскиот народ“,
пишува Зеленски.
Тој дополнително истакна дека Украина е благодарна што Србија ги почитува нејзиниот народ, држава и суверенитет.
Відбулись зміни у Сербії – перемога Студентського списку @studentblokade, і це очевидно нова сторінка історії країни та народу. Бажаємо Сербії успіхів, реального розвитку і теплих відносин із європейською спільнотою. Ми в Україні дякуємо Сербії за повагу до нашого народу та держави, нашої незалежності. І завжди радіємо нашим спільним результатам – усьому, що зміцнює наші суспільства та додає людям можливостей. Готові й надалі збільшувати нашу співпрацю, і хай усі добрі надії людей у Сербії будуть реалізовані!
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) October 26, 2026
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија сака да продолжи да ги развива односите со Србија, и покрај поразот на нивниот долгогодишен политички партнер, пишува „Радио слободна Европа“ (РСЕ) од Србија.
„За танго се потребни двајца. Се надеваме дека новите српски студентски лидери ќе разберат дека соработката со Русија е во интерес на нивната земја“,
истакнал Песков.
Властите во Белград во текот на изминатите години под водство на Вучиќ одржуваа блиски односи со Кремљ и одбиваа да воведат санкции кон Москва по инвазијата врз Украина. Властите во Србија, како што се додава во написот на РСЕ, се потпираа на поддршката на Москва во меѓународните организации во одредени прашања, пред сè, во непризнавањето на Косово како независна држава, но и во негирањето дека во Сребреница во јули 1995 година се случил геноцид.
И победничката Студентска листа е исто така против воведувањето санкции против Русија. Студентите во блокадата претходно изјавија дека Србија ќе го задржи својот „принципиелен став за невоведување рестриктивни мерки кон Руската Федерација“.
Последните податоци утринава од изборите во Србија, објавени од Републичката изборна комисија (РИК), а кои се однесуваат на пребројани 8 016 избирачки места од вкупно 8 392, покажуваат дека Студентската листа има освоено 52,37 отсто од гласовите или 2 169 835 гласа. Листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, според овие податоци, има 39,41 отсто од гласовите или 1 633 067 гласа.
