Доцна синоќа и проекцијата на Центарот за слободни избори и демократија (ЦеСИД) и агенцијата Ипсос покажаа дека Студентската листа освоила убедливо мнозинство на предвремените парламентарни избори во Србија
Последните податоци утринава од изборите во Србија, објавени од Републичката изборна комисија (РИК), а кои се однесуваат на пребројани 8 016 избирачки места од вкупно 8 392, покажуваат дека Студентската листа има освоено 52,37 отсто од гласовите или 2 169 835 гласа. Листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, според овие податоци, има 39,41 отсто од гласовите или 1 633 067 гласа.

Податоците од РИК покажуваат дека од вкупниот број запишани гласачи – 6 451 292, на вчерашните парламентарни избори, според бројот на обработени избирачки места, правото на глас го оствариле 4 169 058 гласачи.
Од другите 16 учесници на изборите, ниту една листа не го поминала прагот од пет проценти за да влезе во парламентот. Најблиску, според податоците од РИК, е листата на актуелниот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, која стигнала до 2,19 отсто. Сепак, неколку малцински партии, како тие на Унгарците, на Албанците и на Бошњаците, ќе добијат пратенички места затоа што броењето на нивните гласови и распределбата на мандатите се вршат според посебни олеснувања.
Доцна синоќа и проекцијата на Центарот за слободни избори и демократија (ЦеСИД) и агенцијата Ипсос покажаа дека Студентската листа освоила убедливо мнозинство на предвремените парламентарни избори во Србија.
Според проекцијата, изработена врз основа на 96 отсто од обработениот примерок, Студентската листа добила 52,9 отсто од гласовите, што би ѝ обезбедило 140 од вкупно 250 пратенички места. Листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ освоила 38,8 отсто, односно 103 мандати.
Резултатите од вчерашните избори беа познати околу еден час по затворањето на избирачките места, кога доскорешниот претседател, а сега носител на листа, Александар Вучиќ, јавно го призна поразот.
По ова, на улиците и на плоштадот „Славија“ во Белград и во другите градови во Србија имаше прослави до доцна во ноќта.
