Од АХВ велат дека целокупната запленета количина подготовки од месо и внатрешни органи нештетно се уништени на депонија, согласно пропишаните законски процедури

Во вонреден инспекциски надзор, инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) пронашле и заплениле 400 килограми замрзнати подготовки од месо, плескавици и ќебапи, како и 70 килограми внатрешни органи. Производите биле запленети од месарница во Општина Василево, каде што на приватен имот била откриена комора која не била регистрирана во АХВ.
Од АХВ велат дека целокупната запленета количина подготовки од месо и внатрешни органи нештетно се уништени на депонија, согласно пропишаните законски процедури.
Поради утврдените неправилности, изречена е мерка за времено затворање на комората, а на правното лице му се изречени и парични казни за работа во нерегистриран објект и неозначување на производите.
Од Агенцијата велат дека во периодот од јануари до август годинава, инспекциските служби спровеле вкупно 74 838 инспекциски надзори. Контролите опфаќаат различни сегменти од синџирот на храна на домашниот пазар и увозот, со цел навремено откривање и отстранување на неправилностите и спречување на пласманот на небезбедна храна на пазарот. Во овој период се уништени 69 776 килограми небезбедна храна од домашниот промет и од увоз, забранет е увоз на 21 105 килограми небезбедна храна од неживотинско потекло, а во земјите на потекло се вратени пратки со вкупно 122 602 килограми храна од животинско потекло.
од АХВ најавуваат продолжување на инспекциските контроли низ државата, со приоритет заштита на здравјето на граѓаните и спречување на продажбата на небезбедна храна.
