Апелацискиот суд Скопје делумно ги уважи жалбите на обвинетиот Зоран Милески во случајот „Рекет“, на начин што ја потврди првостепената пресуда по однос на вината и изречената кривична санкција, додека во делот на одлуката за одземање предмети ја укина и во овој дел предметот го врати во првостепениот суд на повторно постапување и одлучување.
Вака донесената одлука, како што велат од Судот, ќе биде објавена во целост на веб-страницата на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите, соопштија од Апелација.
Милески во декември лани беше осуден на три години затвор за случајот „Рекет“, откако еден ден претходно на првото судско рочиште тој призна вина за примање награда за противзаконито влијание.
Според пресудата, тој бил посредник и договарал средби помеѓу Бојан Јовановски-Боки 13 и сопругата на Орце Камчев, Ана. Средби имале потоа и со Камчев кога тој излегол од притвор. На средбите тие барале и земале пари за Камчев да добие поблаг третман во случајот на СЈО, „Империја“, каде што тој е осомничен. Според обвинението, а сега и според пресудата, двајцата од Камчеви зеле околу 1,5 милион евра.
Покрај затворската казна, на Кичеец требаше да му бидат одземени и рачни часовници, лаптопи, мобилни телефони итн.