„Кеш“ Саботажа, емитувана на 30 ноември 2018 година (петок) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А
„Кеш“ Саботажа, емитувана на 30 ноември 2018 година (петок) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А
Во новото издание на „360 Степени“ на ТВ Алсат (30.11.2018 г.) – дебата за реформата во јавната администрација и за тоа колку се искрени заложбите на власта за деполитизација на јавната администрација, со:
-Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација;
-Малинка Ристевска-Јорданова, Институт за европска политика;
-Драган Гоцевски, универзитетски професор по јавна администрација.
Нова „Саботажа“
Арачиново е на праг да постави нов државен рекорд – во категорија на домаќинства пред суд и извршител.
„На дневна основа имаме по неколку судења. Зошто имаме по неколку судења, од причина што станува збор за безмалку цело село. Некој е должен да плати нешто за работа што другиот не ја завршил.“, вели адвокатот на општина Арачиново – Стевица Јосифовски.
Незадоволни од фирмата за комунална хигиена, арачиновци престанале да плаќаат за собирање смет. Двете неплатени сметки од неколку стотина денари, сега ги чинат илјадници.
„За инат на сите нас не дадоа на извршители.“
„Нема да платам нека ме судат. Месец дена ќе седам во затвор.“, велат арачиновци.
Општината вели дека им помага на граѓаните, а фирмата е навредена што новата локална власт ја прекинала соработката. Кој ќе го плати борчот?
Повикот за џума ги собира арачиновци на едно место. По молитивата, муабетот веќе цела година е за заедничкиот проблем на селото – судии и извршители.
„Помагаат ли молитви? А помагаат… никако… Плаќав редовно, не знам што е проблемот.“
„Пет дена ми е рокот, што да правам, за жалба да платам? Не плаќам и нема да платам, нека ме судат. Месец дена ќе седам затвор, мене ми се исплати да одам во затвор и така и така не работам ништо.“, велат жителите на ова село.
Маката почнала за време на локалните избори во октомври минатата година. Тогаш, велат арачиновци, фирмата за собирање смет ангажирана од претходната локална власт престанала да чисти. Во месеците октомври и ноември не поминал ниту инкасаторот да ги собере договорените 210 денари по куќа.
„Да сте ја снимале улицава 11, кај што живеам јас, тоа беше катастрофа. Значи кучиња, ѓубре, најлончиња, хартии по пат влечени.“, ни раскажа арачиновецот Минор Рамадани.
Под притисок на жителите, новата градоначалничка Миликие Халими на крајот на ноември го одзема овластувањето на фирмата Ривиел за собирање отпад. Ангажира нова фирма, од која жителите сега се задоволни. Но, фирмата на која и бил раскинат договорот бара 420 денари од куќа, според нив долг за неплатени сметки. Бидејќи речиси никој не платил, преку извршители сумата стигнува до неколку илјади денари по домаќинство.
Арачиновци праќаат жалби до судот. Но, веќе има пресуди кои ги губат. Судот толкува дека ако не биле задоволни од услугата, граѓаните требало веднаш да ги раскинат поединечните договори со фирмата.
Дали општината била свесна за последиците кога го прекинала договорот? Зошто не им е даден совет на граѓаните и поединечно да ги раскинат договорите? Одговор не добивме од градоначалничката Миликие Халими бидејќи, како што ни пренесе нејзиниот сопруг, работите најдобро ги знаел адвокатот.
Адвокатот немаше мандат да зборува за одговорност. Правно, не се согласува со толкувањето на судот, бидејќи самата фирма престанала да носи и сметки на врата.
„Ако ние претходно во континуитет неколку години истото го правиме на начин на којшто сме се договориле, со доставување на овие парагон блокови или како сакате наречете ги, они ги третираат како веродостојни исправи, во тој случај јас ве очекувам да дојдете да поминете, тоа е едната причина. Втората причина е, зошто некој би платил за услуга која што не е извршенa. Ова се наводите кои мојата адвокатска канцеларија ги истакнува во приговорите кои ги третира судот. Но, можам да ви кажам ориентационо дека станува збор за десетици илјади евра, значи тоа се тие пари кои тие би можеле да ги очекуваат доколку овие постапки како такви завршат неповолно за граѓаните.“, вели Јосифовски.
Но, побрзи од тоа што според граѓаните е правда, се извршителите.
„За тие четиристотини денари ми запираа пензија, ми дојде да плаќам 14. 500 денари. Се бунев, зашто да платам кога не дојде да земе ѓубре, и не сме платиле, а беше подобро плати поарно да не се запира 14 000.Многу пари, ако има можност да ни се вратат парите. Многу. За 400 денари да ни се запираат толку пари, мака е.“, зборува пензионерот Мертез Мамути.
Од фирмата Ривиел велат дека доколку не било задоволно од услугата, секое домаќинство можело и требало поединечно да го раскине договорот.
„Не се точни информациите дека е тужено цело село Арачиново, кое има околу 2.250 домаќинства…Како Адвокатско друштво имаме добиено налог од доверителот Ривиел за покренување постапка за наплата на долг за 850 предмети… Сметаме дека не е коректно за домаќинствата што уредно ги плаќале своите обврски да се актуелизира тема што стимулира неплаќање на превземени обврски.“, тврдат од Адвокатското друштво „Тодоровски и Јовановски“, кои се правни застапници на фирмата.
Оттаму апелираат до граѓаните да ги подмират долговите во најкус рок, да не приговараат на донесените решенија, а со тоа и да не генерираат поголеми трошоци.
Адвокатот на арачиновци и понатаму ќе се обидува да ја реши нивната мака. Но, има совет и за други рурални средини, каде отпадот се собира на ист начин.
„Доколку и други жители, во други општини се соочуваат со вакви проблеми на својата територија, нека приговараат на работењето, нека сочинуваат приговори, нека ги доставуваат до самата фирма која е ангажирана од страна на општината и доколку не се задоволни од услугите и не ги испорачуваат услугите тие фирми, нека го раскинат договорот.“, советува Јосифовски.
Правдата тешко ќе натежне на страната на арачиновци, кои сега живеат во чисти дворови, но со ризик да останат со празни сметки.
Некои чекаат и по година и половина за мислење од Антидискриминациската комисија. Но, за претставката на Никола Груевски, која заврши со позитивен епилог за него, биле потребни само 52 дена.
– Воопшто не е тоа брзање, тоа е нормално одлучување, зошто ако ги погледнете другите претставки 95 насто од претставките се донесени во тој рок или во пократок рок – вели претседателот на Комисијата, Александар Даштевски.
Дел од граѓанскиот сектор смета дека Комисијата има двојни аршини за тоа што оди на „брза лента“, а што „во фиока“.
– Давањето предност некому врз одредена дискриминаторска основа, како што е во случајот политичка припадност, исто така се смета за дискриминација – смета Драгана Дрндаревска од коалицијата „Маргини“.
Двајца од седумте членови на Комисијата велат дека во мислењето за Груевски ја нема суштината.
– За да се констатира дискриминација мора да се докаже дека едно лице е понеповолно третирано во споредба со друго лице – смета членот на Комисијата, Беким Кадриу.
Како и зошто Никола Груевски го доби документот од Антидискриманициска, кој му послужи како „виза“ за азилот во Унгарија?
На 13 ноември Никола Груевски се огласи од Будимпешта дека побарал политички азил во Унгарија. Точно два месеца претходно, Груевски во Македонија ја поднел претставката, која една недела пред неговото бегство, ќе му обезбеди документ од државна институција во кој се констатира дека тој е „политички“ дискриминиран.
Зошто мнозинството во Комисијата, меѓу кои се поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и други јавно експонирани лица со ставови блиски до оваа партија, одлучи речиси двојно побрзо од крајниот рок од 90 дена, во услови кога во фиоките имаат предмети стари по година и половина?
– Апсолутно не се во право. Ако се доцни со претставките, тоа не се двојни аршини. Туку тоа се технички причини, од кои често пати, една од тие претставки што ги споменуваат се виновни невладините оргнанизации. И ние сме ја донеле само пред неколку дена, пред тој ден што требаше да се одлучува за одење во притвор односно затвор или не. Тоа е една од причините и главна причина за донесување, бидејќи имало некои рокови што морало да се запазат. Бидејќи после тие рокови претставката нема никаква моќ – објаснува претседателот Даштевски.
Причината што Даштевски и уште четири негови колеги донесоа мислење дека Никола Груевски е директно дискриминиран е бидејќи утврдиле дека во неговиот случај има – „нарушување и ограничување на еднакво признавање на правото на правично судење како основно човеково право од страна на судијата Добрила Кацарска.“ Основата за таквото нарушување тие го виделе во „неговиот личен и општествен статус како поранешен Премиер и Претседател на политичка партија.“
– Не му било овозможено доволно врме за одбрана и не му било овозможено право на слободен избор на адвокат. Се работи само за 5 дена во тој ден, некаде во април, се работи за 5 дена, адвокатот имал други судења и барал одлагање 5 дена, а расправата траела до 10 и пол навечер. Другиот ден почнала во 10 часот наутро. Имаме на пример 100 страници материјали од весници кои ги следеле судењето, приложени во предметот. Па ги имаме записниците – објаснува Даштевски.
Но, токму во овој став лежи причините зошто зад мислењето не застанале сите членови на Комисијата. Беким Кадриу објаснува дека правото на правично судење може да биде дел од нивната работа, но само ако е поврзано со некаква форма на дискриминација. Во решението за Груевски, вели тој, на ниту едно место не се докажува како правото на правично судење му е нарушено поради личниот, општествениот или политичкиот статус.
– Тој основ КЗД само го наведува во мислењето, а никаде не го става во контекст. Да речеме зошто поради тоа што бил поранешен претседател на Влада, каде се гледа понеповолниот третман? Каде? Нема – дециден е Кадриу.
Според Кадриу, дефиницијата за директна дискриминација налага компаративна анализа, со која Комисијата морала да докаже дека Груевски бил понеповолно третиран во однос на друг обвинет во ист предмет.
– Предметот беше обемен, но тоа не значи дека подносителот ви дава материјали кои се суштински за докажување на дискриминацијата. Има записници од судски рочишта, различни докази кои може се значајни за судските предмети, но не и за КЗД бидејќи таму не се докажува понеповолен третман – објаснува членот Кадриу.
Во документот е објавено и мислењето на судијката Добрила Кацарска, каде таа аргументира дека „со ниту едно дејствие кон него немало дискриминација и дека таа не била виновна што против него се водат други четири постапки пред тој Суд“. Нотирано е и дека Скопскиот кривичен суд не пратил одговор со објаснување дека постапка за „пристрасно и незаконито постапување“ на судија се води пред Судскиот Совет. Она што нема во документот – е пример дека во споредба со други обвинети Груевски добил нееднаков третман. Тогаш од каде мнозинството членови го извлекле заклучокот?
– Кога се работи за повреда на човековите права, а овде член 6 од Европската декларација за човекови права, секогаш се работи за директна дискриминација, не треба ништо да се докажува.
– Меѓутоа, директната дискриминација подразбира дека треба да посочи во кој друг случај е така постапувано..
Па посочено е, во кој друг случај е ова направено? Значи тоа е компарацијата. Значи тоа не смее да се помисли да се направи. Затоа и постоиме ние.
– Сакам да кажам дека во иста и друга постапка… тоа ви е друг член, тоа не е член 6, тоа е член 5 за еднаков третман – вели Даштевски.
И додека мислењето за Груевски предизвика поделби во Комисијата, невладините организации кои работат во областа посочуваат бројни случаи кога Комисијата не одлучува во законскиот рок. За најдрастичен пример го посочуваат непостапувањето за хомофобични емисии на Миленко Неделковски, кои датира од февруари 2017-та година. За оваа претставка Даштевски вели дека е донесено негативно мислење, иако тоа никогаш не стигнало до организациите.
– Ако сте независен орган, Никола Груевски ќе го третирате исто како Миленко Неделковски како и секоја друга претставка што ви ја имаат пратено граѓаните. Така што нели нормално е прво да одлучуваш по претставките за кои веќе доцниш, па после тоа да ги третираш новите претставки. Очигледно се работи за постапување надвор од вообичаената пракса на Комисијата, иако не велам дека таа вообичаена пракса е исправна на сметка на тоа како постапија за Никола Груевски, се работи за мерка на позитивна дискриминација – велат од коалицијата „Маргини“.
Дрндаревска има објаснување зошто на Груевски му бил потребен овој документ и зошто Комисијата побрзала да му го даде.
– Повеќе мислењето го гледам како изговор на Владата на Унгарија да даде низ некаква основа азил. Инаку би било лесно да се провери КЗД каков е нејзиниот статус во Македонија, за тоа имаме известувано години наназад поединечно и сите организации дека е непрофесионално тело – смета Дрндаревска.
Власта најави реформа на Антидискриминациската комисија преку нов закон, кој е во собраниска процедура. Неговите завршни одредби предвидуваат дека откако ќе стапи на сила, ќе престане мандатот на актуелниот состав на Комисијата. Но, Даштевски се повикува на мислење на Венецијанската комисија за неменување на составот на Комисијата, за да не се влијае врз независноста на телото.
Но, токму независноста на Комисијата е ставена под знак прашање во последниот извештај на Европската комисија за Македонија, во кој пишува:
-Долготрајните недостатоци во работата на Комисијата за заштита од дискриминација треба да се отстранат, вклучувајќи ја и нејзината непристрасност и независност.
Во петокот, Јавното обвинителство за гонење организиран криминал објави дека замрзнало 11 милиони евра на сметки во Монако. Парите префрлени во кнежеството потекнуваат од продажбата на фирма, која има ексклузивна лиценца за јавна услуга за цела Источна Македонија до 2034 година – да врши дијализа за бубрежно болни, а за што за возврат добива пари по услуга од Фондот за здравство.
Ова ретко замрзнување на толкава сума пари се случува само неколку недели по продажбата на македонската фирма концесионер Метрополитен на шведски Диаверум. А токму во тие недели се случија – бегството на Никола Груевски и притворањето на Сашо Мијалков – меѓу другото затоа што имал 11 милиони евра на две сметки кои формално не биле негови, но имало сознанија дека ги контролира.
Извори од истрагата се децидни дека замрзнувањето на 11 милиони евра во Монако немаат никаква врска со основите во барањето за притвор на Сашо Мијалков. Но, тоа не значи и дека обвинителството ја исклучува можноста дека високи функционери од претходната власт имаат врска со замрзнатите пари. Причините можат да се најдат на повеќе места.
Според податоците од Централниот регистар, компанијата Диамед Македонија која ја нуди дијализата во име на државата, е во сопственост на компанијата Метрополитен. До неодамнешната продажба, газди на Метрополитен биле лицето Вера Иванова и фирма без познат сопственик од Дубаи – Смарт Холдинг Лимитед. Вера Иванова се јавува како управител во повеќе друштва, меѓу кои и ДИАМЕД Р.С., каде сопственик е 21-годишниот Филип Иванов. Филип Иванов пак е газда во уште една фирма- Метро Медикал, каде бизнис партнер му е Ристо Новачевски, кум на екс премиерот Никола Груевски од неговиот прв брак. Со исклучок на фирмата од Шведска и од Дубаи, сите останати компании во мрежата имаат седиште на иста адреса – Јадранска Магистрала бр. 100 во скопско Визбегово. (завршува графика)
Вера Иванова викендов јавно се изјасни дека „ниту едно друго лице, освен мене, во ниту еден момент, немал никаков удел во сопственоста, ниту во основањето на „Диамед Македонија“. Денеска не успеавме да добиеме потврда дали тоа значи дека и компанијата во Дубаи е сопственост на Иванова, но и каква е соработката со фирмите на истата адреса, меѓу кои и таа на кумот на Груевски.
Сите овие релации и сомнежи, кои сега допреа до обвинителството, во повеќе текстови ги отвори новинарката Ирена Мулачка од неделникот Фокус. Таа пишува уште од моментот на избор, кога Орка Холдинг на Орце Камчев добива лиценца за западот на Македонија, а фирмата на Вера Иванова за истокот од земјата.
„ Западот го доби, повеќето центри за дијализа во градовите, Систина на Орце Камчев. Истокот го доби фирмата Метрополитен, во тој момент беше Метрополитен чиј сопственик тогаш беше Вера Иванова. Значи тоа остана вака, Орце Камчев познат во јавноста како што е познат бизнисмен и се и во тој период близок до власта на Груевски, меѓутоа беше прашањето која е другата фирма? Бидејќи, со оглед на тоа дека кај нас како што функционираат работите значи секогаш фирмите, барем тие што се блиски до Владата, добиваат тендери и од тука беше мојата почетна точка да видам која е баш фирмата која ја доби другата концесија.“ – вели новинарката Ирена Мулачка од Фокус.
Мулачка вели дека во повеќе наврати добивала информации дека зад Метрополитен стои кумот на Груевски. Но, единствените релација со која можела да го поврзе се случува подоцна.
Со тек на време кога веќе почнаа бомбите, тогаш неговото име почна да се поврзува со фирми во странство. Во кои се фирми тој бил, преку Груевски за плацовите на Водно и други работи. Тогаш, бидејќи никогаш не можеме неговото име да го најдеме во централен регистар, единствена поврзаност што јас ја открив е новата фирма. Ми кажаа дека ќе отвора нова фирма, мислам дека Метро Медикал беше фирмата, заедно со синот на Вера Иванова … Од тука, јас после толку време, никој не може да ме убеди дека Ристо Новачевски не седи во позадина на таа фирма и дека кумот на Груевски не ја добија концесијата благодарение на него.
360 Степени се обрати и до заедничката фирма на Новачевски и Иванов. До објавувањето, не добивме повратен одговор дали освен заедничка адреса и тесни роднински врски, постои и деловна соработка со фирмите каде сопственик е Вера Иванова. Подолго време тоа го правела и Мулачка, на која не и е докрај јасно, зошто баш сега случајот доби внимание од институциите.
„Зошто баш сега, после година и пол, не верувам дека они година и пол било што истражувале па сега на обвинителство му текна. Мислам дека исто е поврзано со последните случувања и со бегството а и убаво знаеме дека во Монако е синот на Сашо Мијалков, студира таму. Така што … “
А со студии во Монако не е поврзуван само синот на Мијалков. Пред точно една година, ВМРО-ДПМНЕ демантираше текст во Слободен Печат кој пак се повика на новинарот Бобан Нонковиќ, дека Никола Груевски е на докторски студии во Монте Карло, една од четирите области во Монако. Во демантот сепак напишаа дека:
„Никола Груевски пред повеќе години имал понуда за стипендија за докторски студии на Меѓународниот универзитет Монако, која првично ја прифатил, но веднаш потоа се откажал заради проценка дека нема да може истовремено да ја извршува државната функција и да има чести патувања и отсуства од земјата и работата, а поврзани со докторатот.“ – соопштија од ВМРО-ДПМНЕ на 20.11.2017 година.
Партиското соопштение сепак не понуди детали, со што Груевски ја заслужил честа да биде поканет да стане докторанд на универзитетот во Монако.
Поважни ќе бидат наодите на обвинителството за позадината на префрлањето на парите во Монако, на чија сметка или сметки легнале парите, а и – како се случи светски реномирани компании да бидат исфрлени од игра за центрите за дијализа, за сметка на избраните фирми.
Жолтото пајче е една од најкупуваните играчки во светот. Со децении наназад речиси нема дете кое не било капено со оваа навидум безопасна играчка. Освен бучавата која, како што видовте од тестирањето, ги надминува дозволените 85 децибели и може да му наштети на слухот, внатрешноста на оваа играчка крие нова опасност.
Ова пајче е ново. Но, еве како изгледа иста таква играчка по кратка употреба.
Здружението „Новинари за човекови права“ неколку години го анализира пазарот на детски играчки во Македонија. Со нив тестиравме уште неколку навидум безопасни играчки.
„Тука се и оние играчки за кои што говоревме дека не ги задоволуваат физичките аспекти од безбедност, а тоа е дека косата гледате воопшто не потегнав и косата паѓа што значи дека детето, бебенце или девојченце од 2 -3 години ја става во уста.На куклата има ситни, не знам што се овие, монистри некои кои што лесно се вадат се кинат се ставаат во уста, со самото тоа што е мека играчкава говори дека содржи фталати кои што исто така имаат многу негативно влијание врз здравјето на децата.Исто така нема никакво објаснување за бојата со која што се фарбани овие чизми, најмногу ми пречи што нема апсолутно никаква информација за составот на играчките.Еве јас сега ќе ви прочитам што пишува овде-Детска играчка пајчиња, состав пластика, потекло Кина, наменето за деца над 6 месеци, внимателно производот да се чисти само со влажна крпа, отстранете ги сите делови од пакувањето пред да му ја дадете играчката на вашето дете.Неопходен е надзор од возрасни лица,спецификации бои и содржини можат да варираат од илустарции.Увозник тој и тој, извозник тој и тој, адреса, зачувајте го упатството за понатамошна употреба…Што ви значи која е информацијата за составот на играчката, значи инсистираме баркодовите да ги содржат сите потребни информациа за играчките.А да пробаме? Ајде да се обидеме. Во Германија, на пример, има неколку такви страници каде што вие како клиент го купувате производот го скенирате и ги читате сите информации, доколку нема можете да побарате од клиентот да ве информира. Тој е должен во рок од 45 дена да ви ги испрати сите информации потребни за составот на производот.Значи нема ништо“, вели Наташа Доковска од здружението „Новинари за човекови права“.
Доковска вели дека над 80 % од тестираните играчки кај нас ги надминуваат дозволените 85 децибели на бучава пропишани од Светската Здравствена Организација. Уште полоши, вели, се резултатите за токсичноста на играчките – од 150 тестирани играчки кај 95 имало елементи на токсичност.
„Во Македонија повеќе од 70% од играчките се небезбедни еколошки пред се, а тоа значи дека имаат штетно влијание врз здравјето и психофизичкиот развој на децата“, вели Доковска.
На македонскиот пазар на играчки, над 95% се увезени од Кина, а останатите 3 до 5% се претежно од Грција и од Турција.
Од Организацијата на потрошувачи апелираат надлежните инспектори почесто да го проверуваат пазарот со детски играчки, а купувачите внимателно да ги читаат декларациите, истовремено внимавајќи и од каде ги купуваат играчките.
„Се уште сметаме дека контролата на пазарите на отворено не е доволна и таму немаме некоја контрола. Тука е една темна бројка која ние не ја знаеме во која што може да има доста небезбедни производи како детски играчки“, вели Маријана Лончар Велкова од Организацијата на потрошувачи на РМ.
На пазарите навистина има многу детски играчки. На купувачот му е тешко од прва да го препознае квалитетот на дел од нив. Очигледно пресудна е цената.
На прв поглед и во продавниците не правите никаква разлика меѓу детските играчки кои се продаваат тука или по пазарите. Сепак, изборот е поголем, но и времето да се прочита декларацијата е подолго.
Но, како да се одбере безбедна и квалитетна детска играчка ?
Во Европската унија веќе извесно време функционира РАПЕКС, систем за предупредување кој овозможува брза размена на информации меѓу 31 земја за опасни хемикалии кои се наоѓаат во производите, вклучувајќи ги и детските играчки. Пребарувајќи го овој систем за да провериме кои играчки се посочени како опасни и се бара нивно повлекување од сите продавници во ЕУ, пронајдовме една од куклите што ја купивме на пазар во Скопје.
Нашата соговорничка Доковска вели дека дел од забранетите играчки од Рапекс листата можат да се пронајдат и во нашите продавници.
„Таму истиот баркод го има, и кога ќе ги прашам зошто, велат – затоа што ние немаме обврска да ги следиме препораките на Европската Унија. Значи, дозволуваме да ловиме во матно и на штета на сопствените деца. Јас прашањето често пати кога го упатувам до надлежните институции прашувам што се нашите деца помалку вредни помалку важни од децата на Европска унија?“, вели Доковска.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат на Македонија на својата веб-страница објавува листа на опасни и забранети играчки која ја ажурира на секои три месеци, за разлика од Рапекс листата која неделно ги апдејтира податоците.
Од Државниот инспекторат велат дека испитувањето на исправноста на играчките е особено тешко во пресрет на новогодишните, божикните и велигденските празници кога увозот на играчки е најголем.
„Ние имаме од нашата анализа на контрола на ризик дека увоз од одредени земји изискуваат секоја втора играчка да биде исконтролирана, се трудиме да влеземе и да го исполниме тој момент… Ако тоа не сме во можност да го направиме при увоз тогаш го правиме со редовни и вонредни акции од промет, што значи се земаат мостри од играчките од магацините на увозниците и од продавниците што се достапни за купување“, вели Ирина Сотирова Бухова, директорка на ДСЗИ.
Годишно во нашата држава се увезуват околу 1,5 милиони килограми играчки. Од Царинската управа велат дека за увоз на овие производи е потребна согласност за царинење од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Во царинскиот склад снимивме запленети фалсификувани детски играчки. Нашиот соговорник вели – до таму се нивните ингеренции за овие производи.
„Царинска управува постапува согласно Законот за превземање на царински дејства за заштита на правото од интелектуална сопственост и доколку таа стока ги повредува правата од трговските марки, таа стока се уништува. Додека за квалитетот и критериумите, надлежни се Министерство за здравство, односно Државниот санитарен и здравствен инспекторат“, вели Семир Муса од Царинската управа на РМ.
„….Ние сепак мораме да си ја заштитиме нашата граница и нашата држава и нашите граѓани со тоа што ќе бидеме многу предострожни и нашите инспекциски органи надлежни за оваа област секоја недела, секој месец, како се објавува листата на Рапекс така треба и овде да ја објавуваме… Сметам дека многу е битно ние да имаме еден таков увид и контрола во оваа област““, вели Маријана Лончар Велкова од Организацијата на потрошувачи на РМ.
Оние кои според статистиката најчесто купуваат ситни играчки се бабите и дедовците. Ги прашавме – дали знаат колку играчките можат да бидат опасни?
1.„Прво и прво треба да се забранат многу играчки. Значи, тие со ситни работи, па и оние киндер јајца. Дали мислите дека доволно ги штитиме децата од играчките? Не, мислам ние сме први што треба да гледаме што да донесеме дома, што да примиме за поклон и дали треба да му се даде тоа на детето“.
2.„Најпрво декларацијата, потоа цената и изгледот“.
3.„На нашиот пазар дали мислите дека има опасни детски играчки? Има. Верувајте дека има, затоа што на секоја втора играчка нема да видите декларација, а посебно состав нема да најдете што е најбитен затоа што тие од нафтени формалдехиди не може да ги прочитате нигде, а тоа е опасно за дете“.
И навидум безопасните тетоважи во некои од мастиките кријат закани – содржат премногу олово, потврдуваат анализите кај нас, а се и на Рапекс листата на опасни производи за деца.
Ви ги презентиравме опасностите од одредени играчки на пазарот како и предупредувањата за крајна внимателност за да се одбере квалитетна и безбедна играчка. Но, што сме постигнале ако нашите мобилни и таблети дозволиме да станат најинтересната играчка во рацете на нашите деца. Помислуваме ли дека можеби токму тие се најопасната „играчка“?!
„Кисела“ Саботажа, емитувана на 26 ноември 2018 година (понеделник) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А
Во новото издание на „360 Степени“ на ТВ Алсат (26.11.2018 г.):
-која е позадината на случајот со 11-те милиони евра во Монако (од продажбата на фирмата „Диамед“), замрзнати на барање на македонското обвинителство – може ли да се поврзе со бегството на Никола Груевски; едно е сигурно – парите во Монако немаат никаква врска причините за притворањето на Сашо Мијалков;
-анализа на употребната вредност на експресно издаденото мислење од Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД) дека Груевски бил политички дискриминиран од судијката Добрила Кацарска – мнозинството во КЗД вели дека се било законски, а невладините наведуваат предмети што чекаат во фиока и по година и пол;
-истражување – колку се безбедни детските играчки во Македонија: на пазар во Скопје купивме играчка од листата забранети во ЕУ;
-половина Арачиново на извршител или на суд – фирмата што до лани го собирала сметот бара да и се плати и за ноември и декември 2017 г., а жителите тврдат дека ниту добиле сметки ниту бил собран отпадот;
-„Саботажа“.
by 360степени
Зоран Дранговски, претседател на Македонското здружение на млади правници, во интервју за „360 Степени“ зборуваше за бегството на Никла Груевски и добиениот азил во Унгарија.
– Груевски сега има статус на признаен бегалец. Тоа не го знаеме официјално, меѓутоа по неговата изјава и по изјавата на официјалните лица, тој има добиено меѓународна заштита и има статус на признаен бегалец, заради тоа што успеал да докаже дека има оправдан страв од прогон. Тоа е главната дефиниција, затоа што во секој систем на азил за да докажете и да добиете таков статус, има точна дефиниција на бегалец. Оправдан страв од прогон значи дека мора да докажете дека вие заради вашата вера, раса, националност, припадност на одредена социјална група или политичко убедување, имате оправдан страв од прогон во вашата земја или пак во земја во којашто имате вообичаен престој. Со самата одлука на унгарските власти да му доделат на Груевски таков статус, тоа значи дека тие од нивната постапка ценеле дека тој ги исполнува елементите од оваа дефиниција и затоа му е доделен тој статус – рече Дранговски.
Тој рече дека при одлучувањето во постапката за азил, властите на земјата во која се бара азилот не смеат да контактираат со земјата на потекло и единствено може да се служи со изјавите и доказите на барателот на азил и меѓународно допстапните информации за земјата, што значи дека извештаите на ЕК од изминатите години каде е нотирана селективна правда одат само во прилог на Груевски, како и дека не очекува екстрадиција.
– Државата не смее да екстрадира човек на кого што му дала меѓународна заштита. Според мене, во моментот кога Груевски добил статус веќе тоа барање за екстрадиција се смета за комплетно незначително во делот на неговите постапки. Штом државата на некој човек му даде меѓународна заштита, не смее воопшто за тој случај да преземе никакви мерки да го врати во земјата на потекло – рече Дранговски.
Тој кажа дека според законот за азил во Унгарија, на секои 3 години се преиспитува дали се уште постојат околностите и фактите поради кои лицето го добила тој статус, но тоа е одлука на властите.
– Груевски треба да биде минимум 3 години со ваков престој за да може да бара унгарско државјанство, но со овој статус е прилично изедначен со државјаните. Сега има право на лична карта и патна исправа, со која би можело да патува во други земји, но не и во земјата на потекло – рече Дранговски.
Тој зборуваше и за меѓународната потерница, и што би се случило доколку тој се појави во било која друга земја.
– Интерпол од 2015 година дава препорака на државите да проверат дали лицето за кое има меѓународна потерница ужива статус на признаен бегалец и да го ослободат, па дури и да не ја известат земјата која ја распишала потерницата – рече Дранговски појаснувајќи дека се дава поголема верба на тие кои го уживаат овој статус за да бидат заштитени, отколку на државите кои ги бараат.
Тој рече дека Груевски морал во постапката пред унгарските власти да објасни зошто не поднел барање за азил во земјите низ кои поминал, на пример – Албанија, која била првата земја во која што избегал.
– Сите земји во регионот се прогласени за безбедни трети земји, според унгарските власти, меѓутоа индивидуално би морал да докаже зошто Албанија за него не е безбедна, или зошто не се безбедни Србија или Црна Гора. Меѓутоа, откако влегол веќе во Албанија, после тоа откако побарал азил во амбасадата, неговата постапка за азил се претпоставува дека почнала од моментот на поднесување на барањето во Албанија. Така што поминувањето низ Црна Гора и Србија се смета за ирелевантно – рече Дранговски.
Тој посочи дека е вообичаено издавањето на пасаван, односно привремена патна исправа. Тоа се случувало и во амбасади во Македонија за свои државјани.
Дранговски рече дека е голема веројатноста Груевски веќе никогаш да не дојде во Македонија.
by 360степени
Пратеничката Нола Исмајлоска-Старова, една од 8-темина опозициски пратеници што гласаа „за“ во првата фаза на уставните измени, во интервју за „360 Степени“ зборуваше за изјавата дека притворањето на Сашо Мијалков, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски не оди во процесот на помирување, и дали ова значи дека таа нема да гласа за уставните измени во третата финална фаза.
– Не значи тоа, туку ја покажувам само загриженоста од процесите коишто се случуваат, дали ќе гласам зависи од севкупниот процес, како ќе се дефинираат уставните амандмани после јавната расправа којашто следува после први декември што е многу важно, поради тоа што ја уклучува и експертската јавност, граѓанскиот сектор, коишто имаат свое мислење во однос на овие процеси, но секако дека и помирувањето е важен дел и мислам дека сите институции треба да бидат внимателни да не наштетат на тој дел од овој процес – рече Исмајлоска-Старова.
Таа е децидна дека ова не е мешање во работата на обвинителството и судовите и вели дека има и други начини за осигурување на присуството на обвинетите.
– Не може поради поведението на еден човек да се наметне тоа на други луѓе – рече Исмајлоска-Старова.
Таа рече дека има и други начини за да се осигура присуство, како на пример со имотни гаранции и кауции.
– Притворањето го вознемирува севкупниот процес, и луѓето коишто можеби соработувале, нивната вина не е докажана, мора да дозволиме пресумпција на невиност, и дополнително поради тоа што верувам дека притворот не треба да биде казна. Тоа се пораките и од меѓународната заедница, но биле и пораките на СДСМ додека беа во опозиција – рече Исмајлоска-Старова.
Таа одговараше и на прашање за гласините дека Сашо Мијалков имал улога во обезбедувањето на осумте опозициски гласа, коишто го обезбедија двотретинското мнозинство во Собранието, и дали гласала затоа што тоа и го побарал Мијалков.
– Не. Гласав поради тоа што верувам во ова. Од тоа што го познавам, заедно сме биле членови на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, знам дека и неговите ставови биле за ова, но навистина, мислам дека овие теории на заговор или желба за ексклузива што постојат во јавноста… осум луѓе сме гласале како возрасни и свесни луѓе – рече Исмајлоска-Старова.
Таа рече дека пред гласањето немала средба со Мијалков. На прашање за проценка во овој момент, таа рече дека е поблиску до глас „За“ уставните измени во третата фаза, отколку за глас „Против“ или глас „Воздржано“.
„Неслучајна“ Саботажа, емитувана на 23 ноември 2018 година (петок) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А
Во новото издание на „360 Степени“ на ТВ Алсат (23.11.2018 г.):
-дали по притворањето на Мијалков, Јанакиески и Божиновски е доведено во прашање 2/3-мнозинство во Собранието за уставните измени – интервју со пратеничката Нола Исмајлоска-Старова, една од 8-темина опозициски пратеници што гласаа „за“ во првата фаза;
-дали Албанската платформа му помогна на Никола Груевски да добие азил во Унгарија – интервју со Зоран Дранговски, претседател на Македонско здружение на млади правници;
-„Саботажа“
Во петочното интервју за „360 Степени“, премиерот Зоран Заев не ја отфрли можноста за корекција на нацрт-амандманот на членот 49 на Уставот.
Поконкретно, станува збор за ставот 3 од овој амандман во кој пишува „Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство, на што реагираа некои од парламентарните партии на Албанците во Македонија, и одредени кругови во Грција, вклучувајќи го и екс-министерот Никос Коѕиас, со тврдење дека ваквата одредба не е во согласнот со договорот од Преспа.
По овој настап на Заев, во Атина разговаравме со неколкумина креатори на јавното мислење, интелектуалци и познавачи на темата, за да провериме зошто предложената одредба во амандманот е проблематична за грчката страна и какви се калкулациите на владата на Алексис Ципрас со ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот парламент.
Во Атина е Владимир Мирчески.
Начинот на кој Никола Груевски избега од Македонија, уште долго ќе биде предмет на интерес на јавноста.
На расчистување на вакви контроверзни настани, кога заинтересираните немаат верба во официјалните верзии, работи мултинационален експертски тим наречен „Форензичка архитектура“ со седиште во Лондон, а со ангажман насекаде во светот. Неодамна беа во Скопје.
©2024 360 степени, Сите права се задржани