„Фушерај“ Саботажа, емитувана на 12 февруари 2018 година (понеделник) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
„Фушерај“ Саботажа, емитувана на 12 февруари 2018 година (понеделник) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
Во новото издание на „360 Степени“ на ТВ Алсат-М:
– Индиции за страотни последици од опасниот линдан складиран во дворот на ОХИС во Скопје: токсичната супстанција пронајдена во крвта на 8-годишни девојчиња кои предвреме влегле во пубертет;
– Што донесе посетата на премиерот Зоран Заев на Турција. За него, организацијата на Фетула Ѓулен е терористичка; Турција очекува конкретни мерки од македонската влада;
– Дали грчката влада ја подготвува јавноста дека не може да се спори идентитетот на етничките Македонци;
– По Ирак и Авганистан, за кумановци нова хит-дестинација е Германија: во градот масовно се учи јазикот што носи подобар живот;
– Нова „Саботажа“
by 360степени
Интензивираните преговори за името коинцидираат со објавувањето на Стратегијата на Европската комисија за понатамошно проширување на ЕУ, која ја дефинираше 2025 година како можен рок за прием на нови земји-членки во Унијата.
Први претенденти за влез се двете држави од регионот кои веќе водат пристапни преговори – Црна Гора и Србија.
Можно ли е Македонија да се качи на овој воз – е едно од прашањата во разговорот со Светлана Јовановска, дописничка од Брисел на новатв.мк.
– ЕУ пред се поаѓа од своите интереси. За неа се најважни борбата против тероризмот и мигрантската криза, а тука Балканот има значајна безбедносна улога. Овие кризи не смеат да излезат од контрола. Македонија станува повторно позитивна приказна во регионот, за Европа, како што беше и порано и се враќа во центарот на европската сцена. Ако Македонија покаже дека е сериозна во интеграцијата, дека реформира, таа ќе биде перфектен пример за Србија, која е, всушност, најважната земја за Европа на Балканот, но Србија, како што знаеме, над неа е надвисната на извесен начин сенката на Путин, Србија кажа дека не сака да влегува во НАТО и ако многу се притиска врз неа околу Косово може да и го сврти грбот и на ЕУ. Датумот – 2025 година, за нас е достижен, би рекла, ние го хармонизираме нашето законодавство уште од 2001 година со европското, во однос на реформите недостасува националниот консензус. И покрај убавите изјави од новото ВМРО-ДПМНЕ, Собранието и понатаму останува блокирано – рече Јовановска.
Таа вели дека се уште не се знае кога ќе биде објавена чистата препорака за Македонија.
– Се уште не знаат дали таа препорака ќе биде објавена на крајот на февруари, можеби Јункер ќе ја донесе во Скопје, но се уште ништо не е утврдено. Тука станува збор за Македонија и за Албанија, значи две земји што чекаат препорака. Албанија никогаш немала препорака, а ние ја загубивме и сега нејзиното враќање оди некако во пакет со Албанија – рече Јовановска.
Во однос на прашањето за името, таа рече дека во Брисел на оваа тема „врие“ од оптимист и се очекува храброст и од Заев и од Ципрас.
– Притисокот врз нас е познат, влез во НАТО и преговори со ЕУ, но и врз Ципрас има европски притисок, со економската криза. На пример, Пјер Московиси, комесарот за финансии беше во Атина и изјави дека во август го гледа крајот на тунелот на кризата во Грција. Значи, Европа најавува дека нема повеќе да има нови економски програми со кои на Грците им се наметнува да го затегнуваат каишот и да штедат, но ќе мора да има извесна соодветна пост-програма за мониторинг на примената на економските мерки и тука Европа има некаков адут во ракавот. Се разбира, овде нема никој да ви каже дека е тоа така, бидејќи „врз земјите членки не се прави притисок, никој не сака да ги понижува“ итн, меѓутоа пораката е јасна, особено што Ципрас на есен влегува во изборен период – рече Јовановска.
Пред 4 дена се поплави Архивот на Република Македонија. Малку подолг дожд беше доволен да за прокисне кровот на новиот објект од СКОПЈЕ 2014-та, вреден 42 милиони евра. Оваа поплава само ја освежи меморијата на јавноста, кога пред околу 2 ипол месеци се поплави и новиот театар. Дожд, малку посилен и подолг од вообичаеното, беше сосема доволен за водата да влезе во неколку простории од барокното здание вредно 38 милиони евра. Според владата, овие објекти не се единствените кои не можат да го издржат клинчот со дождот…
За изградбата на објектите од СКОПЈЕ 2014-та платија граѓаните. Според пресметките кои ги направија новинарите од БИРН, од нивниот џеб за овој проект биле потрошени повеќе од 684 милиони евра …
Кој ќе плати сега за поправките? Ова е можеби главното прашање кое треба да биде одговорено откако Владата ќе се осигура дека е спасено она што не може да се купи со пари – архивската граѓа. Математиката е лесна – ако изградбата на овие објекти чинеше стотици милиони евра, и крпењето сигурно нема да биде евтино.
Од Министерството за култура, кое е надлежно за Македонскиот народен театар, Музејот на ВМРО и Македонската филхармонија, велат дека поплавувањето на театарот не ги чинело ниту денар.
Кај Македонскиот народен театар, каде што прокиснува во делот на една од терасите, минатата година на два пати интервенираа изведувачите, Страбаг и Бетон-Штип. Со оглед на тоа дека објектот е сѐ уште во гарантен период, преземените активности се на товар на изведувачот. Според Законот за градба, гарантниот период за градбата е 10 години, додека за инсталациите се покуси роковите, во зависност од понудата и од производителот, велат од Министерството.
Сепак, најавите не се такви и од Службата за општи и заеднички работи, чие претходно раководство го нарача и плати зградата во која е Архивот. Тие велат дека гаранцијата за новните објекти била само две години од денот кога е издадена употребна дозвола. Конкретно за Архивот, гаранцијата е истечена што значи дека бројчаникот на Призма ќе врти уште многу над сегашните 684 милиони евра …
Дали оваа дополнителна сметка ќе ја платат граѓаните или оние кои нарачувале и граделе, се утврдува во моментов. Од Министерството за култура велат дека кај нив државниот завод врши ревизија, а се преиспитува и целокупниот проект за кој е надлежен овој владин ресор. Со дел од проектот од поодамна се занимава СЈО, а од скоро и редовното обвинителство, чие седиште патем е во една од зградите која можеби и самата ќе биде предмет на истрага.
Со средбата која помина во позитивна атмосфера овде во Атина, градоначалниците на Атина и на Скопје, се обидоа да придонесат за дополнително релаксирање на односите меѓу двете земји во период на сериозни обиди за затворање на прашањето за името. Јоргос Каминис и Петре Шилегов рекоа дека не зборувале за спорот за името, но најавија потпишување Меморандум за соработката меѓу двата главни града.
„Зборувавме и за улогата што граѓаните ја имаат во нашите општества и потребата од континуирана комуникација со локалните власти. Важен е и периодот кога се случуваат сите овие работи. Интензивирањето на преговорите меѓу двете земји и динамиката во последните неколку недели креираа оптимистички чувства дека разликите што ги разделуваат двете држави ќе бидат решени“, рече Јоргос Каминис, градоначалник на Атина.
„Овој состанок беше и за да се испрати порака до владите да го продолжат процесот за решавање на проблемот, за граѓаните на Атина и Скопје да имаат нормална меѓусебна комуникација. Имајќи во предвид дека нашите граѓани се соочуваат со исти предизвици во секојдневното живеење, размената на искуствата и продлабочување на соработка ќе придонесат заеднички да учествуваме во изнаоѓање решенија за современите потреби на граѓаните на двата града“, рече Петре Шилегов – градоначалник на Град Скопје.
Грчките новинари не ја пропуштија шансата да го прашаат првиот човек на Скопје што планира да прави со спомениците во центарот на градот, за дел од кои во Грција има чувство дека се провокација.
Градоначалнику, би сакал да ве прашам дали верувате дека Уставот на вашата земја би требал да се промени и што мислите за спомениците кои во минатото беа поставени во вашиот главен град?
„Двете влади се среде процес на преговори и давањето јавни изјави за преговорите нема да му помогнат на процесот. Ниту јас, ниту градоначалникот на Атина не сме инволвирани во процесот и немаме детали. Тоа е мојот коментар. Имаме проблем во центарот на Скопје со спомениците. Формиравме неколку комисии зашто има различни надлежности меѓу одделни општини и Министерството за култура за решавање на овој проблем, што значи процесот е во тек“, одговори Шилегов.
По прес-конференцијата прашав некои од грчките колеги за интензивираната комуникација меѓу двете земји на повеќе нивоа, како и за атмосферата во Грција по националистичкиот протест кој пред неколку дена се одржа овде во Атина.
„Ова е важно прашање за двете земји. Како и за сите значајни прашања помалку или повеќе луѓето се поделени. Претпоставувам дека е исто и во вашата земја. Има луѓе кои сакаат решение, велат дека проблемот се влече многу години и дека тоа е прашање кое мора да се реши. Така вели еден дел од граѓаните. Друг дел од граѓаните мисли дека не, прашањето не треба да се реши зашто не е во наш интерес. Мислам дека политичарите треба да ги земат во предвид сите мислења“, рече Феј Дулгери – дописник од Грција за Еуроњуз.
„Двете држави, ПЈРМ и Грција имаат ист интерес во регионот. Минатото ги раздалечи двете земји, но целта е да се гледа кон иднината. Грција е присутна во ПЈРМ преку економијата и уште многу други работи двете држава можат и треба да ги зајакнат преку соработка“, вели Нефели Џанетаки од државната ERT.
Домаќинот на Шилегов, градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис, го привршува вториот мандат на чело на грчката престолнина. Политички припаѓа на новоформираното „Движење за промени“, кое има 26 пратеници во грчкиот парламент и се смета за потенцијална база за поддршка на евентуалниот компромис за името.
За 360 степени од Атина, Славица Филиповска.
by 360степени
Во разговор за „360 Степени“, директорот на владината Служба за општи и заеднички работи, Пеце Мирчевски, зборуваше за прокиснувањето на дел од објектите од проектот Скопје 2014, за тоа чија е одговорноста што новоизградени објекти покажуваат вакви фалинки, колку ќе ги чини ова граѓаните и како ќе се решаваат проблемите.
– Покрај зградата на Архивот која има проблеми, исто така, во комуникација со министерствата и органите кои се сместени во останатите објекти, се јавуваат некои проблеми. На пример во Министерството за надворешни работи протекува кровот, има пукнатини во делот на објектот, тече од неколку страни кога има дождови, меѓутоа објектот на МНР е предаден пред неколку години и министерството си има обврска да се грижи за негово одржување и реконструкција. Исто, објект во кој има недоследности во делот на градбата, односно пропусти, е објектот на Државниот завод за ревизија и Геолошкиот завод. Тоа е објектот сместен некаде каде што беше поранешната Служба за општи и заеднички работи, спроти неа. Се работи за објект кој е се уште под гаранција и таму со изведувачот ургираме, односно го задолжуваме да ги заврши, да ги врати во првобитна состојба како што е по проект – рече Мирчевски.
Тој зборуваше и за одговорноста за пропустите на објектите во кои инвеститор била СОЗР.
– Во изминатите неколку месеци откако сум директор на службата соработуваме секојдневно со Министерството за внатрешни работи, посебно со Одделот за организиран криминал, со Основното јавно обвинителство, со Специјалното јавно обвинителство, со Финансовата полиција. Не би сакал ништо да кажувам, бидејќи сепак има неколку постапки кои ги тераат овие органи, за да не го нарушам процесот на предистражна или истражна постапка, меѓутоа има интерес за дел од работите што се случувале претходно од овие органи. Тие прибираа документација и се надевам кога ќе ги приберат доказите ќе излеземе заеднички со информации што и како се случувало во претходниот период – рече Мирчевски без да прецизира дали се работи за истраги за објектите кои се соочуваат со проблеми.
„Украдена“ Саботажа, емитувана на 09 февруари 2018 година (петок) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
Во новото издание на „360 Степени“ на ТВ Алсат-М:
– Кој е одговорен за прокиснувањето на новите градби од „Скопје 2014“
– Интервју со директорот на владината Служба за општи и заеднички работи, Пеце Мирчески за наследените проблеми;
– Кога Македонија ќе добие чиста препорака за почеток на преговори со ЕУ (февруари или март) и дали 2025 година е достижен рок за влез на земјава во ЕУ – разговор со Светлана Јовановска, дописничка од Брисел на новатв.мк;
– Што донесе средбата на градоначалниците на Атина и на Скопје;
– Нова „Саботажа“
by 360степени
Институтот за демократија објави резултати од истражување на јавното мислење, кои се чини покажуваат тренд на поголема подготвеност кај македонските граѓани да се прифати компромис како цена што треба да се плати за да се добие членство во НАТО и во ЕУ.
Марко Трошановски ги анализира резултатите според кои, 61% од анкетираните целосно или до некаде поддржуваат решавање на проблемот со името со цел побрз влез на Македонија во ЕУ и НАТО. Овие бројки, по етнички групи, кај Македонците се 50%, а кај Албанците 95%. По политички партии, подготвеност за компромис има кај гласачите на ВМРО-ДПМНЕ 33%, а кај СДСМ 76%.
Споредбата со резултатите од претходна анкета на истите прашања, покажува тренд на зголемување на поддршката за компромис поради евроатланска интеграција на Македонија.
Васко Маглешов е новинар кој го следи ресорот правда. Деновиве пишуваше за изборот на обвинители во Советот на јавни обвинители и беше првиот кој објави за потенцијалниот конфликт на интереси, бидејќи членка на Советот гласала против изборот на обвинителка која води предмет против нејзиниот сопруг- банкар.
„ Во мојот случај имаше суптилни обиди да се влијае, меѓутоа во останатите случаи и кај останатите колеги во медиумите имаше буквално тргање на текстови од веб странците, затоа сум сосема сигурен. Додека ова се случуваше во Јавното обвинителство биле дистрибуирани некакви напатствија за тоа како обвинителите треба да комуницираат со јавноста, односно сите прашања новинарите да ги поставуваат до одделот со односи со јавноста а не до обвинителите директно. – вели Васко Маглешов, новинар во агенцијата „Макфакс“
Тврдењето на Маглешов за притисоци врз медиумите е факт. Страната не е пронајдена … пишува на веб-страницата на еден национален медиум. Пред да биде избришана, на тоа место беше веста дека член на советот за јавни обвинители гласала против избор на обвинителка што го гони нејзиниот сопруг-банкар.
Овие примери се само мал показател за тоа до каде отиде стравот од јавноста кај одредени лица или групи по последниот избор на обвинители во Јавното обвинителство за борба против организиран криминал што го направи Советот на јавни обвинители. Како се случи, уште еден избор на обвинители, повторно да го добие епитетот „контроверзен“.
На 29 ти јануари, Советот на јавни обвинители објави соопштение дека за два дена ќе одржи седница. На дневниот ред треба да се изврши избор на јавни обвинители од огласот објавен во службен весник од 09.01.2018г.
Ако се погледне цитираниот службен весник Огласот се однесува на избор на еден член на Советот на јавни обвинители.
Во закажаниот термин, 31 јануари, се одржува седница која нема врска со избор на нов член на Советот туку се бираат седум обвинители за обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Тој оглас постои но во друг службен весник од друг датум. Меѓу избраните е и Марија Ѓоргева, обвинителка од чии услуги под нејасни околности се откажа Катица Јанева но и обвинителка во роднински врски со претседателот на Советот Коле Штерјев.
„Не можев да ја напуштам седницата бидејќи ќе немаше кворум а гласав воздржано ако е тоа значајно.
Тоа не е судир на интереси?
Тоа не е судир на интереси.“- изјави претседателот на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјев, во изјава по завршувањето на седницата на 31.01.2018 г.
Следниот ден, на 1 февруари, во јавноста се појавува информацијата дека проблематичен е уште еден момент од изборот. Членката на Советот, Фиданка Рајевска, гласа против изборот на кандидатот Лидија Раичевиќ за позиција во обвинителството за организиран криминал. А Лидија Раичевиќ која во моментот работи во обвинителството за организиран криминал води предмет во врска со НЛБ Банка, во кој сопругот на Рајевска е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување и за перење пари.
Истиот ден, порталот СДК.мк објави став и на првиот човек на Советот, Коле Штерјев и на шефот на републичкото обвинителство Љубомир Јовевски кој е член на Советот по функција. Овие изјави се однесуваат само на изборот на внуката на Штерјев.
„Во Законот за Советот на јавни обвинители не пишува дека треба во ваков случај член на Советот да се изземе. Каде пишува дека требало да се изземам.“- вели Коле Штерјев во изјавата за СДК.мк на 01.02.2018 г.
Но, јавниот обвинител на Република Македонија вели дека Штерјев требало да постапи поинаку.
„Сепак, сметам дека требаше да се изземе во ваков случај, кога на огласот беше пријавена неговата внука.“- вели јавниот обвинител Љубомир Јовевски за истиот портал.
Веќе следниот ден, петок 2-ри февруари, и Јовевски и Штерјев објавија соопштенија. Јавниот обвинител на Република Македонија веќе не спомнува дека Штерјев требало да се изземе. Но, не вели и дека не требало. Наместо коментар на постапките на другите, во соопштението говори дека тој како член постапил законски, водејќи се според стручноста на кандидатите без намера некој да биде унапреден а некој друг отстранет.
Претседателот на Советот достави подетален одговор, во кој повторно тврди дека не требало да се изземе. Овој пат не се повикува на Законот за советот за јавни обвинители туку на Законот за спречување на судир на интереси, каде е дефинирано што е „блиско лице“.
„ Во наведената одредба како блиски лица таксативно се наведени степените на сродство по крв по права линија, во странична линија до четврти степен и по сватовство до втор степен. Роднинските релации меѓу мене и кандидатот не влегуваат во наведените степени на сродство. “ – вели Штерјев во дел од соопштението.
Во дописот до јавноста го оправда и гласањето против обвинителката Лидија Раиќевиќ.
„Информациите за тоа по кои предмети постапувала обвинителката Раиќевиќ ниту мене ниту на членовите на Советот не можат да ни се познати. Имено, Советот доаѓа до сознанија за предметното постапување на обвинителите само по поднесена претставка.“
Но, истиот закон за спречување на судир на интереси, на кој Штерјев се повика дека немал судир на интереси, во член 12 вели дека кога службено лице ќе дознае за околности што укажуваат на постоење судир на интереси, должно е веднаш да побара да биде изземено и да запре со своето постапување. А во член 13 се вели дека дури и ако постои само приватен интерес, службеното лице мора да го пријави. Во спротивно прави повреда на должноста.
360 Степени праша, но не доби одговор од Советот, дали било кој од членовите пријавил судир на интереси или приватен интерес пред гласањето и дали тоа е ставено на записник. Според писмената изјава на Штерјев, тој не пријавил бидејќи смета дека нема судир на интереси. Од истата изјава се подразбира дека и неговата колешка Рајевска не кажала ништо.
Според новинарот Васко Маглешов, брзањето да се изберат нови обвинители во обвинителството за организиран криминал по цена и на судир на интереси, може да има и друга позадина.
Обвинителката Лидија Раичевиќ, според сознанијата кои јас ги имам работи на истраги за финансиски криминал, за крупен финансиски криминал во дел од македонските комерцијални банки коишто имаат висока репутација. Станува збор за предистрага… Според моите информации биле сослушани и одредени директори на банки коишто се инволвирани во овој случај и практично пред истрагата дошла до степен да стане истрага. Дали тоа е причината поради која што условно речено не била избрана повторно обвинителството за организиран криминал и корупција јас лично не знам, меѓутоа сомнежот останува отворен.- вели Маглешов
Но, она што се знае е судбината на предметите кои досега ги водела обвинителката Лидија Раичевиќ.
„Тие предмети ќе ги земат нови јавни обвинители кои што се нели веќе избрани од советот на јавни обвинители. Колку што се сеќавам беа избрани четворица нови во тоа одделение, претпоставувам дека некој од нив ќе добие а обвинителката останува и без истрагата за НЛБ Банка која беше отворена кон средината на 2017-тата година и секако без пред истрагата по оној предмет во којшто се инкорпорирани поголем број на комерцијални банки во земјава.“- изјави новинарот Васко Маглешов.
Текстовите на Маглешов и на другите новинари беа причина за случајот да се заинтересира и државна институција. Гласот на медиумите допре до, со години „немата“, антикорупциска комисија.
„Државната комисија за спречување на корупцијата… донесе заклучок да се отворат два предмети од областа на судир на интереси и да се пристапи кон прибирање на релевантна документација од институциите со цел утврдување на фактичката состојба, врз основа на кои ќе може да донесе конечен заклучок за постоење или непостоење на судир на интереси.“- велат од Државната комисија за спречување на корупцијата.
Колку време ќе и треба на Антикорупциската комисија за да донесе заклучок ќе зависи од повеќе фактори, меѓу кои е и брзината со која Советот ќе ја обезбеди релевантната документација. Дотогаш изборот на Советот останува на сила, а со него и контроверзиите што ги отвори.
Професорот и екс-министер за надворешни работи Денко Малески ги анализира обновените напори за изнаоѓање решение на спорот за името и околностите под кои се одвиваат разговорите.
– Оставено на народите на двете земји, како што гледаме со овие манифестации што се случија сега во Грција, мислам дека е потребно бар едно 100 години за да се разрешат проблемите како што е овој нашиот. Заради тоа потребно е водство, силно водство, како во двете земји, но и водство од страна на големите играчи во светската политика. Тие две работи во моментот се поклопуваат, имаме премиер во Грција којшто е растеретен национално, така да кажам, има свој пандан тука во Македонија, и тоа совпаѓање заедно со она што во моментот се случува на светската политика дава надеж, поголема од оние што беа претходно. Имено, на светската политика се одвива еден многу сериозен судир на моќ, судир на интереси помеѓу западниот свет предводен од САД од една, и Русија од друга страна. Тој фактор го прави пристапот на големите сили на Балканот дел од нивната безбедност. Ова зборува дека нивниот притисок врз двете страни е и ќе биде силен Тој притисок може да земе форма и на готов документ кој ќе биде ставен пред двете страни – смета Малески.
Во Грција се сумираат и анализираат впечатоците од неделниот протест против употреба на терминот Македонија во името на нашава земја.
На ден по протестот во Атина, се чини, атмосферата е сосема поразлична. Кај Владата на Ципрас, барем според јавните реакции, се чини дека нема промени во определбата да продолжи да бара решение на спорот.
На овој план, денот го обележува и објавувањето во грчкиот печат на рамката со идеи предложена од Метју Нимиц во нејзината интегрална верзија.
Репортажа на Никола Здравковиќ.
„Достоинствена“ Саботажа, емитувана на 05 февруари 2018 година (понеделник) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
Во новото издание на „360 Степени“ на ТВ Алсат-М:
– Грчка „То Вима“ ја објави рамката на Нимиц: нема барање за промена на Уставот, јазикот "Makedonski", остануваат кратенките MK и MKD; решението на сила во фази;
– Атина ден по протестите – грчката влада решена да продолжи да бара решение, аналитичари: и пратеници од опозицијата може да гласаат за евентуалниот компромис;
– Интервју со проф. д-р Денко Малески: силното водство во двете земји и кај меѓународните играчи се добра околност за прашањето за името;
– Анкета на Институтот за демократија: 61% од граѓаните на РМ (33% од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ) прифаќаат решавање на прашањето за името заради побрз влез во НАТО и ЕУ;
– Скандали во Советот на јавни обвинители. Беше унапредена внука на претседателот на Советот, а тој наместо да се изземе присуствувал на гласањето. Спротивно, не беше унапредена обвинителка која води истрага за банкар-сопруг на членка на Советот која, исто така, наместо да се изземе, гласала.
– Нова „Саботажа“
©2024 360 степени, Сите права се задржани