Ова, во изјава за „Тетова сот“, го кажа претседателот на косовскиот парламент Глаук Коњуфца, кој се смета за десна рака на премиерот на Косово, Албин Курти, а во врска со денешната средба меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и Арбен Таравари
Претседателот на косовскиот парламент и десна рака на премиерот на Косово, Глаук Коњуфца, е против евентуална поддршка на коалицијата на опозициските партии на Албанците, „Вреди“, за претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, во вториот круг од изборите за државата.

Коњуфца ова денеска го изјави за порталот „Тетова сот“ прашан за коментар за средбата меѓу Арбен Таравари, еден од четворицата предводници на коалицијата „Вреди“, кој беше и нејзин кандидат за претседател на државата, со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во видеото со изјавата на спикерот на косовскиот парламент, објавена на Фејсбук, новинарот на „Тетова сот“ вели дека дошол во Приштина да го праша косовскиот премиер и лидер на Самоопределување, Албин Курти, како му изгледа денешната средба на Мицкоски и Таравари.
Наместо со Курти, новинарот вели дека се сретнал со Коњуфца, кој го повикува Таравари да не брза, додавајќи дека секоја поддршка за кандидатката за шеф на државата Гордана Силјановска-Давкова и секоја соработка со ВМРО-ДПМНЕ е антиалбанска.
„Не сум запознаен со оваа средба, но ви верувам во ова што го кажувате и го сметам за вистина. Со тоа што сум ги гледал политичките концепти што ги има Гордана Силјановска-Давкова, тие се доста антиалбански концепти. Постојат сомнежи за албанското население таму. Јас сум многу против овие концепти и јас би бил против поддршка на такви концепти од кој било Албанец. Внимателно сум го следел и тој концепт е антиалбански. Јас не би поддржал таква опција бидејќи е на штета на Албанците“,
вели Коњуфца.
Инаку, партијата на косовскиот премиер Албин Курти – Самоопределување, ѝ даде поддршка на коалицијата на опозициските партии на Албанците во земјава „Вреди“, чии лидери на крајот на јануари годинава имаа средба со Курти во Приштина.
Од ВМРО-ДПМНЕ за „360 степени“ ја потврдија средбата меѓу лидерот на партијата и Таравари. Оттаму велат дека на средбата Мицкоски и Таравари разговарале за принципите за можно идно коалицирање и заедничка соработка.
„Точно е дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски имаше средба со Арбен Таравари попладнево и се разговараше за принципите за можно идно коалицирање и заедничка соработка“,
ни одговорија од ВМРО-ДПМНЕ за денешната средба на лидерот на партијата со Таравари.
На прашање на ТВ 21 за што се разговарло на средбата и зошто на неа не биле присутни другите лидери на коалицијата, од „Вреди одговориле дека сите лидери се во целосна координација, а не биле присутни поради активностите на терен.
Средбата на Мицкоски и Таравари во куса објава на Фејсбук ја искоментира и портпаролот на ДУИ, Арбер Адеми, кој напиша дека: „Секој глас за ‘Вреди’ е глас за ВМРО-ДПМНЕ“.