Отровниот патриотизам и лажниот национализам, според него, покрај кај политичките противници денес е дел и од реториката на луѓе кои до неодамна биле во редовите на СДСМ. Партиските членови, пак, Зечевиќ ги повика да бидат поинакви, секој во своето место да покаже лидерство, енергија и знаење, да се докажат со дела
Време е за целосен општествен консензус за европскиот пат и европската иднина. Да го препознаеме моментумот, да ја преземеме заедничката одговорност и да се обединиме за клучните прашања за иднината. Да се спротивставиме на отровниот популизам и лажниот национализам.
Ова се дел од пораките кои генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, ги испрати од националната трибина „Силно и одлучно кон иднината“ што владејачката партија ја организира вечерва во Скопје.
Отровниот патриотизам и лажниот национализам, според него, покрај кај политичките противници денес е дел и од реториката на луѓе кои до неодамна биле во редовите на СДСМ.
Во неговиот говор преовладуваа пораките за европска иднина на државата за што рече дека социјалдемократската политика денес значи суштинска интеграција во ЕУ со почитување на сите обележја што го прават Македонецот тоа што бил низ историјата, тоа што е денес и тоа што ќе биде во иднина.
„Од ова место повикувам на сплотеност во идејата, националната и државна цел за европска иднина, ајде конечно да се обединиме како општество, дојде време тој современ патриотизам да го кренеме на следното ниво“,
рече Зечевиќ.
Не смееме да си го дозволиме луксузот, рече тој, и да ја пропуштиме шансата што ја имаме како нација во овој нов историски моментум.
„Ова е времето кога ја заокружуваме државноста со нејзино издигнување на повисоко ниво, целосно етаблирана на светската мапа на суверени држави, рамноправна како нераскинлив дел од европското семејство! Ние имаме голема патриотска должност – да ги детерминираме и да ги поставиме новите магистрали, новите столбови врз коишто ќе почива иднината на Европска Македонија. Тоа е новото време и новата реалност. Тоа е современиот патриотизам за Европска Македонија“,
порача генералниот секретар на СДСМ.
На патот за иднината, рече тој во дел од неговиот говор, се среќаваме и ќе се среќаваме со пречки кои често изгледаат непремостливи, најчесто на штета на партискиот рејтинг.
„Не беше воопшто лесно. Нема да биде лесно и понатаму. И нема да печалиме дневнополитички поени. Ние тоа го знаеме и никогаш не калкулираме! Но, нема да има компромис за иднината! Како булдожер ќе го прегазиме секој кој што ќе се попречи на тој пат“
порача Зечевиќ.
Партиските членови тој ги повика да бидат поинакви, секој во своето место да покаже лидерство, енергија и знаење, да се докажат со дела, а за следната 2023 година најави дека ќе влезат во секоја куќа, град, село и населено место.
„Да не се гледаме само пред кампањи, сакаме и мораме да го промениме мислењето за партиите и политичарите, преку нашиот пример, преку вистински домаќински однос, со аргументи и знаење, со насмевка и мотивација“,
рече Зечевиќ.