Опозицијата обвинува за целосна партизација на правосудниот систем, посочувајќи низа нерасчистени скандали и потсетувајќи дека и Европската комисија нотира отсуство на реформи и политичко мешање
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) упати остри критики до актуелната власт, обвинувајќи дека судскиот систем во државата е ставен под целосна контрола на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски. На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на партијата, Наташа Поповиќ, истакна дека доколку правосудството беше навистина слободно и независно, Мицкоски и раководството на неговата партија немаше да бидат на слобода и оти за две и пол години власта успеала целосно да ги партизира полицијата, Агенцијата за национална безбедност, како и да ги стави под своја директна команда обвинителствата и судовите.

„Го сменија јавниот обвинител, сопруга на ексградоначалник на ВМРО беше избрана за Судскиот совет, избрана беше и обвинителка поврзана со Сашо Мијалков. Мицкоски јавно им делеше задачи на обвинители и судии од собраниската говорница, преку телевизија и преку телефон. Европската комисија во својот најнов извештај јасно нотира мешање во судството и обвинителството, отсуство на реформи, широко распространета корупција и проблематични јавни набавки. Нема систем. Христијан Мицкоски е и обвинител и судија, од кого зависат одлуките“,
рече Поповиќ.
Опозицијата обвинува дека во државата повеќе не постои систем на одговорност, за што сведочат бројните нерасчистени тендери и скандали тешки над 200 милиони евра кои ги откри нивниот антикорупциски тим. Дополнително, алармираат за низа случаи кои поминуваат без правна разрешница, почнувајќи од спасувањето на поранешниот премиер Никола Груевски од одговорност и враќањето на криминално стекнатиот имот на владејачката партија, па сè до отфрлањето на кривичните пријави против функционерите на власта преку ноќ. Како примери за селективна правда се наведени прекинувањето на постапката за примање мито против лице блиско до генералниот секретар на Владата, ослободувањето на телохранителот на премиерот по напад врз жена, како и отсуството на политичка и институционална одговорност за транспортот на пет тони дрога кон Србија.
„Кривичните пријави против Мицкоски и функционерите на власта се отфрлаат преку ноќ. Пријавите поврзани со труењето на водата во Гостивар стојат во обвинителството, без одговор и без одговорност. Кога функционери на власта имаат фирми во Бугарија и бугарски пасоши – институциите молчат. Кога министри на Владата го величаат Ратко Младиќ, осуден воен злосторник за геноцид – власта и институциите молчат“,
вели таа.
