Договорот е објавен денеска на интернет-страницата на Бирото за јавни набавки, а е потпишан на 3 јули 2026 година, од сега веќе разрешениот министер за здравство Азир Алиу. Потпишувањето се случило само два дена откако Државната комисија за жалби по јавни набавки ги отфрли последните две жалби во врска со тендерот
Уште за време на периодот за поднесување понуди дел од заинтересираните фирми се жалеа дека условите во тендерот се ограничувачки, односно дека се поставени така што ќе може да ги исполни една или мал број компании
Министерството за здравство ќе ги купи стоте амбуланти возила со вградена медицинска опрема од компанијата „Аутомотив груп“, за вкупна цена од околу 7,5 милиони евра со ДДВ, односно за околу 75 000 евра по возило. Возилата се од марката „рено“ и потекнуваат од Франција, додека надградбата ќе се врши во компанијата „Марконис“ од Ниш, Србија, пишува во договорот меѓу Министерството за здравство и „Аутомотив груп“.
Договорот е потпишан од Азир Алиу, тогашниот министер за здравство, и Кирил Калеников, како претставник на „Аутомотив груп“.
Отфрлени жалби
Фирмата го потпишала договорот на 2 јули, а министерот на 3 јули. Тоа покажува дека потписот е ставен веднаш откако пред Државната комисија за жалби по јавни набавки паднаа последните две жалби кои беа пречка да се стави параф на договорот.

На 1 јули годинава Државната комисија за жалби по јавни набавки ја одржа својата 23. седница. Меѓу донесените одлуки се и две директно поврзани со тендерот за амбулантни возила. Комисијата решавала по две жалби на хрватската компанија „ЦИБ комерц”.
Едната жалба е отфрлена поради неуредност.
„Жалителот ја доставил жалбата во хартија, иако… истата се изјавува во електронска форма преку ЕСЈН на Бирото за јавни набавки, истовремено до Државната комисија и до договорниот орган“,
пишува во решението со број 08-961/4 на Државната комисија.
Втората жалба, пак, е отфрлена поради непостоење правен интерес.
„Државната комисија постапувајќи по изјавената жалба, утврди дека жалителот во конкретната постапка нема поднесено понуда. Имено, со недоставување на понуда, жалителот нема правен интерес за добивање на договорот за јавна набавка и истиот не претрпел или не можел да претрпи штета од евентуално прекршување на одредбите од овој закон, со што не може да бара правна заштита против одлуките, дејствијата и пропуштањата за преземање дејствија од страна на договорниот орган во постапката за јавна набавка согласно член 138 став 1 од Законот за јавните набавки“,
пишува во Решението со број 08-978/14 на Државната комисија.
На што точно се жалела хрватската компанија, не може да се провери од достапните документи. Тоа е видливо само кога нема утврдени формални пропусти, па Државната комисија се впушта во суштинска оценка на наводите на жалителот.
Повлечена и најавена жалба
Пред одлуките за жалбите на хрватската компанија, Државната комисија за жалби по јавни требаше да постапува и по уште еден предмет за истиот тендер. Таа жалба ја поднесе „Еуроимпекс“, увозникот на „Пежо“ и „Опел“ за земјава. Но, подоцна ја повлече. На нашето прашање, зошто ја повлекле, ни одговорија:
„По детално разгледување на тендерската документација за Оглас бр. 07162/2026, објавен од страна на Министерство за здравство, за набавка на 100 амбулантни возила, во предвидениот рок за поставување на прашање, поставивме прашање и побаравме промена на техничката спецификација. Во одговорите ги даде Комисијата за јавни набавки, не беа прифатени нашите барања, меѓу кои не беше прифатено барањето за промена на зафатнина на моторот од максимум 2000 cm³, да се промени и да гласи, минимум 1900 cm3. Незадоволни од одговорот, поднесовме жалба преку Државната Комисија за жалби по јавни набавки до договорниот орган.
Со оглед на околностите, односно не прифаќањето на бараните промени од страна на комисијата за јавни набавки, нашата компанија не поднесе понуда. По извршената детална анализа на законската регулатива, поради тоа што не бевме учесници на тендерот, ја повлековме поднесената жалба.“
Пред Комисијата за жалби по јавни набавки требаше да се најде уште една жалба, на бугарската компанија „Екселиор“. Така најави нивниот менаџер за земјава, Александар Гиговски. На прашањето на „360 степени“, зошто на крај не поднесоа жалба, Гиговски ни одговори:

„Жалбата беше целосно подготвена, со обезбедени докази и придружна документација, и беше подготвена за поднесување во законскиот рок.
Сепак, по донесена одлука од седиштето на компанијата во Софија, беше одлучено жалбата да не биде поднесена. Како овластен претставник во Република Северна Македонија, ја почитував таа корпоративна одлука, иако жалбата беше подготвена и правно образложена.“
Сомнежи
Уште кога се распиша последниот тендер за набавка на 100 амбулантни возила се појавија и поплаки дека условите во него се скроени така што ќе ја намалат конкуренцијата. Кредибилитет на таквите тврдења даде епилогот – за милионскиот бизнис понуда доставија само добитникот „Аутомотив груп“ и фирма која не е позната како увозник на возила, електромеханичарскиот дуќан А.Ц.Е.
Поплаките, главно, се однесуваа на два момента. Во тендерот се бараше возилото да има дизел мотор со зафатнина од најмногу 2 000 кубни сантиметри, а најмалку 110 киловати сила. Тоа елиминираше дел од конкуренцијата која има нешто поголеми погонски единици. Во делот на медицинската опрема, пак, се бараше преносен дефибрилатор чија батерија не е потешка од 500 грама и уредот да е регистриран во МАЛМЕД. Конкуренцијата тврдеше дека таков уред во земјава увезувала само една фирма и дека не реагирала на барањата за понуди од заинтересираните фирми.
Министерството за здравство ги одби барањата за промена на условите во текот на постапката.
