На јавниот оглас на Министерството за здравство се пријавија „Аутомотив груп“, компанија која е увозник на „Рено“, „Нисан“ и „Дачиа“ и електромеханичарскиот дуќан А.Ц.Е., фирма која не е познато дека увезува, туку се занимава со инсталација на клими и надоградби на комерцијални возила
Уште кога се распиша тендерот, дел од упатените во бизнисот обвинуваа дека условите на 6,4 милиони евра тешката јавна набавка се скроени за да ја ограничат конкуренцијата. Една фирма веќе има поднесено жалба до Комисијата за жалби по јавни набавки, друга најавува дека наскоро ќе го стори тоа. Во земјава се увезуваат најмалку седум различни брендови кои имаат комерцијални возила што можат да се пренаменат во амбулантни
Помина нешто повеќе од еден месец откако ја објавивме првата сторија во која отворивме сомнеж дека тендерот за 100 амбулантни возила на Министерството за здравство се чини скроен за конкретен увозник или мал број увозници на возила.
Конкретно, се бараат дизел возила со зафатнина на моторот од максимум 2000 кубни сантиметри. Ова во старт води кон стеснување на конкуренцијата, со оглед на тоа што дел од добавувачите во земјава нудат возила што можат да бидат амбулантни, но се со поголема зафатнина на моторот од 2000 кубици.
Од Министерството за здравство го правдаа условот со аргумент дека дизел-моторите до 2000 кубни сантиметри биле од понова генерација и загадуваат и трошат помалку од нешто поголемите. Министерот за здравство, пак, најави дека ќе го сменат секој услов за кој ќе добијат аргументирани барања.

„Сè што има логика, сè што е за подобрување на техничката спецификација, би било ненормално да не се прифати“,
изјави Азир Алиу на 14 мај 2026 година за „360 степени“.
Условот за мотор не се смени. Завчера се отворија понудите за амбулантни возила.
Увозник и дуќан
Точно во 10 часот, во вторникот, на вториот кат во Министерството за здравство се отворија понудите за набавка на 100 амбулантни возила. Станува збор за тендер чија проценета вредност без ДДВ е 390 889 830 денари, или 6 355 932 евра.
Системот прикажа дека документација доставиле само две компании:

Првата беше Занаетчија Електромеханичарски дуќан А.Ц.Е. Цветко Гоговски Скопје. Вкупната понудата на оваа фирма изнесуваше 4 451 700 денари, односно 72 385 евра. Не можеше да се разјасни во моментот дали е направена евентуална грешка бидејќи сумата наликува како за едно возило, а не за 100.
Втората пријавена компанија беше Аутомотив груп. Нивната вкупна понуда беше 390 595 000 денари, или 6 351 138 евра. По возило, тоа е 63 511 евра што е само 48 евра поевтино од процената вредност на набавката.

Според јавно достапните извори, Аутомотив груп е долгогодишен увозник на возилата од програмата на францускиот производител „Рено“. Крајни сопственици се семејството Каленикови.
Сопственик на другиот претендент, дуќанот „А.Ц.Е. Цветко Гоговски“, е физичкото лице Цветко Гоговски. Нема јавни траги дека фирмата е увозник на возила. Но, стои зад брендовите „Аутотрансформа“ и „Аутоклима“ и според профилите на социјалните медиуми се занимава со монтажа на клима уреди на комерцијални возила и пренамена на специјални возила. Меѓу нив и на амбулантни возила.

Се обративме во компанијата и прашавме – со кој бренд на возило ќе конкурираат и дали вкупната сума во понудата е грешка. Не добивме повратен одговор.
Една поднесена, една жалба во најава
Пред да се разгледуваат понудените цени, Министерството за здравство ќе треба да провери дали понудите се целосни. Но, тендерот, ќе се гледа и на друго место.
Александар Гиговски е менаџер на филијала на бугарска компанија во земјава која се занимава со пренамена и доградба на возила, вклучително и на амбулантни. Сакал, заедно со партнер увозник на возила во земјава да се пријави на тендерот, но на крај не го направил тоа.

Затоа ќе се буниме до второстепена комисија, ќе пуштиме жалба секаде каде што е потребно.
вели Александар Гиговски, регионален менаџер за Македонија на „Екселор“.
Една од главните основи за жалбата која ја најавува Гиговски е следнава.
Во тендерската документација, се бара возилото да има преносен дефибрилатор. Во техничките карактеристики на уредот, се бара максималната тежина на батеријата да биде најмногу 0,5 килограми. За дефибрилаторот, како и за останатата медицинска опрема, се бара да бидат регистрирани во Агенцијата за лекови и медицински помагала – МАЛМЕД.

Гиговски тврди – постои само еден бренд во светот кој прави таква батерија.
„Има една компанија во Македонија која го увезува тој бренд и таа батерија… Едната компанија што увезува таква медицинска опрема не даваше на никој. Јас имам и мејл пуштено до компанијата уште пред 45 дена, побарав понуда, се најнормално. И другите компании пуштале мејлови за да побараат понуда, но никој нема одговор. Се ќути од таа страна.“
Од Министерството за здравство, тврди Гиговски, ги одбиле и за барањето да се дозволат дефибрилатори со поголеми батерии и да се дозволи регистрацијата на уредот во МАЛМЕД да се прави по склучувањето на договорот, а пред испораката, ако успеат да го најдат во странство.

Дека таквите услови се рестриктивни, говори од искуство на тендери на меѓународни институции.
„За четири години во Република Македонија имаме проекти на Европска унија и Светска банка од четири милиони евра и сите се реализирани без проблем… За Република Бугарија имаме однесено 45 „мерцедес спринтери“, проект на ЕУ, што ги донираше за Република Бугарија. 4х4 за планинските региони“,
изјави Александар Гиговски за „360 степени“.
Поплака и предвидување дека на тендерот нема да има конкуренција јавно искажаа и од компанијата „Еуроимпекс“. Тие се официјални увозници на возилата од програмите на „Пежо“ и „Опел“. Нивната главна забелешка во фазата за поставување прашања за тендерот беше дека моторот е ограничен на максимална зафатнина од 2000 см3 и истовремено моќност од најмалку 110 kw – услов кој практично ги исклучува и нив и други увозници.
Според регистарот на Второстепената комисија за жалби јавни набавки, „Еуроимпекс“ има поднесено жалба на 1 јуни годинава. Не можат да се видат основните за жалбата, се додека комисијата не донесе и не го објави решението.
2.000 cm³ – меѓа за перформанси и економичност
На забелешките дека условот за максимална големина на моторот во тендерот е таков што ќе исклучи голем дел од конкуренцијата, од Министерството за здравство се правдаа вака:

„Барањето за мотор со зафатнина до 2.000 cm³ не е случајно поставено. Станува збор за внимателно избран баланс помеѓу перформанси и економичност. Амбулантните возила секојдневно функционираат во сложени услови – носат тежок товар, се движат низ урбани средини со чести запирања и мора да реагираат брзо и сигурно. Современите мотори од оваа класа, особено дизел турбо варијантите, обезбедуваат доволна моќност и вртежен момент за вакви услови, без притоа да создаваат непотребни трошоци за гориво и одржување. Во услови кога возилата поминуваат илјадници километри годишно, оваа разлика е суштинска за рационално управување со јавните средства“,
одговорија на 2 мај 2026 година за „360 степени“.
На нашето прашање, дали условот сепак ќе ја ограничи конкуренцијата, министерот за здравство уверуваше дека има работна група што го анализира пазарот, а стручна комисија потоа креира техничка спецификација.

„Една од анализите е колку троши, колку е сервисот на одредена кола. Така што, за овие перформанси мора ние да бидеме домаќински настроени и кон јавните пари и мора така да размислуваме. Како што размислуваме за сопствените средства и менаџирање на тоа што го купуваме, мора истото да го имаме и за јавните повици.“
360°: Ако добро ве разбирам, оставате простор дека е можно да се измени техничката спецификација?
Алиу: „Сè што има логика, сè што е за подобрување на техничката спецификација, би било ненормално да не се прифати“,
одговори Азир Алиу на прашањата на „360 степени“ на 14 мај 2026 година.
Барањата за измени во техничката документација, сепак, не беа прифатени. А, за одлуката дали земјава ќе нарача нови амбулантни возила и по која цена, ќе мора да се почекаат одлуките и на второстепената комисија за жалби по јавни набавки.

Што и да се случи, ќе остане фактот дека кога пред три години ЕУ и купуваше на земјава седум амбулантни возила, на огласот се јавија дури седум фирми. Сега, за 100 возила, заинтересиран е само еден директен увозник.
Ако е за утеха, цената по возило од околу 63 500 евра е речиси идентична со цената по која и ЕУ ги купи возилата – 63 400 евра. Иако, со поголема конкуренција, возилата можеби ќе чинеа и помалку народни пари.

