Откако беше забрането поворката да се движи од Собранието до Калемегдан, маршот со дозвола од МВР се одвиваше од Уставниот суд до Ташмајдан. Програмата продолжува со концерти
Прошетката на припадниците и симпатизерите на ЛГБТИ популацијата во рамки на „Еуропрајд“, што почна пред зградата на Уставниот суд во центарот на Белград, заврши околу 18 часот во близина на стадионот Ташмајдан, без поголеми инциденти.
Откако беше забрането поворката да се движи од Собранието до Калемегдан, маршот со дозвола од МВР се одвиваше од Уставниот суд до Ташмајдан.
Програмата „Еуропрајд“ продолжува на Ташмајдан, каде се најавени концерти на Сенида, Сара Јо и други.
Пред почетокот на прошетката, Владимир Билчик, известувачот на Европскиот парламент за Србија, одржа говор во кој рече дека почитувањето на човековите права и слободи е суштината на модерна Европа и дека најдобрата вест е што луѓето дојдоа во голем број на денешниот настан.
Билчик истакна дека почитувањето на различностите не е само основа на европските вредности, туку и духот на Европа.
„Многу сум среќен што Белград денеска може да го покаже европскиот дух. Белград и Србија ни покажуваат гостопримство, прифаќање и почит. Важно е суштината на денешницата да остане тука долго откако утре ќе заврши последниот настан на ‘Европрајд’. Борбата за европската иднина на Србија мора да продолжи уште порешително по оваа недела“,
рече Билчик и додаде дека е многу среќен што денеска е во главниот град на Србија.
„Среќен сум што сум тука со многу европратеници за да ја поддржам слободата и вистинските европски вредности. Јас сум тука пред вас не само како европски политичар, туку како некој што се бори за еднаквост. Без разлика на проблемите во претходниот период, тука сме и тоа е најдобрата вест“,
заврши Билчик.
Веднаш по почетокот на прошетката, еден од демонстрантите, односно противник на манифестацијата „Европрајд“ успеа да ја пробие оградата кај црквата ,,Свети Марко” за да се доближи до Уставниот суд, но тој набрзо беше спречен од полицијата.
Околу пладне почнаа првите инциденти пред одржувањето на прошетката. Како што јави „Н1“, двајца учесници на собирот против „Европрајд“ се приведени во близина на црквата „Свети Марко“, откако фрлале шишиња кон автомобили, ги пцуеле насобраните новинарски екипи и почнале да се расправаат со полицајци.
Расчинетиот монах Антоније со шише го удрил снимателот на „Н1“ во стомакот. Противниците на „Европрајд“ ја нападнаа полицијата, а расчинетиот монах е приведен. Полициските сили запреле триесетина граѓани, меѓу кои бил и монахот во близина на Главната пошта на улицата ,,Таковска”.
Белград е годинашен домаќин на паневропскиот настан на кој учествуваат претставници од голем број држави. Истовремено, „контра-прошетка“ и собир против „Европрајдот“ беа најавени за попладнево пред храмот ,,Свети Сава“ поради што има засилено полициско обезбедување.
Европската асоцијација на гордоста (European Pride Organisers Association – EPOA) денеска соопшти дека по неколкунеделен интензивен меѓународен притисок, одлучено е „Европрајд 2022“ да се одржи во Србија.
Претседателката на ЕПОА, Кристин Гарина ја поздрави изјавата на премиерката Ана Брнабиќ за одржувањето на маршот во Белград.