Како што јави „Н1“, двајца учесници на собирот против „Европрајд“ се приведени во близина на црквата „Свети Марко“, откако фрлале шишиња кон автомобили, ги пцуеле насобраните новинарски екипи и почнале да се расправаат со полицајци
Околу пладне почнаа првите инциденти пред одржувањето на прошетката во рамки на „Европрајд“ што според најавата на организаторите треба да се одржи попладнево во Белград.
Како што јави „Н1“, двајца учесници на собирот против „Европрајд“ се приведени во близина на црквата „Свети Марко“, откако фрлале шишиња кон автомобили, ги пцуеле насобраните новинарски екипи и почнале да се расправаат со полицајци. Расчинетиот монах Антоније со шише го удрил снимателот на „Н1“ во стомакот. Противниците на „Европрајд“ ја нападнаа полицијата, а расчинетиот монах е приведен. Полициските сили запреле триесетина граѓани, меѓу кои бил и монахот во близина на Главната пошта на улицата Таковска.
На денешниот „Европрајд“ ќе прошетаат и претставници на амбасади и еврокомесарот за еднаквост, а одлуката е донесена откако претставниците на меѓународната заедница добија безбедносни гаранции од Владата.
Организаторот најави дека собирот пред прошетката ќе започне во 16:00 часот пред Уставниот суд, а крајот на собирот и почетокот на прошетката ќе бидат во 17:30 часот. Во 18:15 часот е планирано влегување на стадионот „Ташмајдан“ каде, според најавите, концертот ќе трае до два часот по полноќ.
Истовремено, „контра-прошетка“ и собир против „Европрајдот“ се најавени за попладнево во 16:30 часот пред храмот ,,Свети Сава“.
Српското Министерство за внатрешни работи пред неколку дена соопшти дека се забранети двете прошетки.
Попладнево еден од организаторите на „Европрајд 2022“, Горан Милетиќ, изјави за српските медиуми дека во меѓувреме е одобрена прошетката од Уставниот суд до Ташмајдан.
Тој додаде дека е погрешно протолкувано соопштението на МВР во кое се вели дека денеска нема да има диви прошетки.
„Во МУП го пријавивме пешачењето по новата траса од Уставниот суд до Ташмајдан и добивме одобрение за тој предлог. Очекувам сите учесници на Парадата на гордоста да бидат безбедни и со асистенција на полицијата се да помине без проблеми“,
рече Милетиќ и изјави дека на „Европрајд“ присуствуваат околу 1 000 луѓе од странство.