За 17.30 часот е закажан почетокот на прошетката која ќе биде од Уставниот суд до Ташмајдан. Иако српското МВР ги забрани прошетките, попладнево еден од организаторите на „Европрајд 2022“, Горан Милетиќ, изјави за српските медиуми дека во меѓувреме стигнало одобрение за оваа рута
Европската асоцијација на гордоста (European Pride Organisers Association – EPOA) денеска соопшти дека по неколкунеделен интензивен меѓународен притисок, одлучено е „Европрајд 2022“ да се одржи во Србија.
Претседателката на ЕПОА, Кристин Гарина ја поздрави изјавата на премиерката Ана Брнабиќ за одржувањето на маршот во Белград.
Десетици дипломати, членови на Европскиот парламент, европски и меѓународни лидери ќе им се придружат на активистите на маршот кон Парламентот, соопшти ЕПОА.
Брнабиќ на денешниот прием по повод одржаната недела на „Европрајд“ во Србија на насобраните странски претставници кои пристигнаа во Белград, како и на организаторите на Европрајд во Србија им порача дека ќе бидат безбедни и им се заблагодари нив за доаѓање.
За 17.30 часот е закажан почетокот на прошетката која ќе биде од Уставниот суд до Ташмајдан. Иако српското МВР ги забрани прошетките, попладнево еден од организаторите на „Европрајд 2022“, Горан Милетиќ, изјави за српските медиуми дека во меѓувреме стигнало одобрение за оваа рута.
Околу пладне почнаа првите инциденти пред одржувањето на прошетката. Како што јави „Н1“, двајца учесници на собирот против „Европрајд“ се приведени во близина на црквата „Свети Марко“, откако фрлале шишиња кон автомобили, ги пцуеле насобраните новинарски екипи и почнале да се расправаат со полицајци. Расчинетиот монах Антоније со шише го удрил снимателот на „Н1“ во стомакот. Противниците на „Европрајд“ ја нападнаа полицијата, а расчинетиот монах е приведен. Полициските сили запреле триесетина граѓани, меѓу кои бил и монахот во близина на Главната пошта на улицата Таковска.