Обвинителите што се пријавиле сега треба да бидат оценети, а потоа Советот на јавни обвинители да ја утврди листата со кандидати кои имаат уредни пријави и позитивни оценки
Рокот за пријавување на огласот за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) истече во петокот и засега во игра за ова место остануваат петте обвинители чии пријави беа примени дотогаш.
Од Советот на јавни обвинители очекуваа евентуално во текот на денешниот ден да пристигне некоја пријава преку пошта, но таков плик немало меѓу оние што денеска претпладне ги доставил курирот. Не се исклучува можноста некоја пријава пратена по пошта да „залутала“, па да пристигне во текот на утрешниот ден, но очекувањата се дека конечната кандидатска листа ќе се утврди до крајот на наредната недела.
Петте пријави што се пристигнати се од досегашната шефица Вилма Русковска, нејзината колешка од ОЈО ГОКК, Енгелуши Кадриу Леши, скопскиот обвинител Ерман Незири, како и двајца обвинители од Гостивар, Ислам Абази, и Деса Пауновска.
Од Советот на јавни обвинители денеска по мејл ги контактирале надредените на пријавените кандидати, односно оние што треба да ја оценат нивната досегашна работа.
Иако оценувањата изминатиот период се одвиваа бавно, од Советот очекуваат дека за една недела ќе ги добијат оценките за пријавените и ќе може да одржат седница на која ќе ја утврдат официјалната кандидатска листа за иден прв човек на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Кандидатите што имаат уредни пријави и позитивни оценки ќе се најдат на гласачкото ливче. Според новиот Закон за јавно обвинителство, шеф на ОЈО ГОКК по првпат ќе се избира на непосредни избори односно со гласање на сите обвинители во државата.
Изборите треба да се одржат на 7 ноември, а гласањето тој ден се очекува да се одвива во просториите на државното и четирите виши обвинителства во земјава (Битола, Гостивар, Скопје и Штип).
По денот на гласање, Советот има рок од седум дена за да го именува кандидатот кој освоил најмногу гласови за нов шеф на ОЈО ГОКК.
Доколку сè оди според планот, нема да се создаде вакуум-период со оглед дека мандатот на Русковска истекува на 14 ноември.
Русковска, која бара нов мандат, времено е суспендирана од позицијата врз основа на одлуката што ја донесе републичкиот обвинител Љубомир Јовески кон средината на август. Нејзината суспензија следуваше откако против неа беше поведена дисциплинска постапка и беше поднесена кривична пријава во врска со извршениот претрес во Управата за финансиска полиција (УФП)на 18 јули. Русковска за суспензијата поднесе и жалба, но Советот на јавни обвинители ја одби како неоснована односно ја потврди суспензијата. Поранешниот директор на УФП поднесе и кривична пријава за овој случај, а Русковска минатата недела беше да даде исказ. Според нејзината изјава, тој случај веќе е во истрага и таа се води како осомничена.
Истрага се води во ОЈО Скопје од каде, пак, доаѓа еден од останатите петмина пријавени за нејзин наследник, Ерман Незири. Тој е актуелен заменик на шефот на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски.
Обвинителката Кадриу-Леши, пак, подолг период е дел од тимот во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Советот на јавни обвинители во март годинава, неа и уште четири нејзини колеги ги реизбра за нов мандат во ова обвинителство.
Абази, пак, доаѓа од Вишото обвинителство во Гостивар, на кое беше избран за шеф во 2018 година, кога Русковска стана шефица на ОЈО ГОКК. Оттаму доаѓа и Деса Пауновска, која претходно беше и членка на Советот на јавни обвинители.