Во говорот, Карни детално ги изнесе своите планови за идните односи, наведувајќи дека двете страни би можеле да соработуваат во областите на критичните минерали, одбранбените индустриски капацитети, вештачката интелигенција и компјутерските технологии, енергетската безбедност, вселената и платниот промет. Тој исто така повика на „непречена дигитална трговија со неземјоделски производи и широк спектар на услуги“

Канадскиот премиер Марк Карни ја поздрави целта Канада да стане прва придружна членка на ЕУ, повикувајќи на длабока соработка меѓу Европа и неговата земја за да се зачува нивниот суверенитет.
Во своето обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур, Карни изјави дека анкетите покажуваат оти огромно мнозинство Канаѓани поддржуваат многу потесни врски со Европа.
„Канада и Европа треба да ја обезбедат својата стратешка автономија преку длабока соработка во целиот опсег на стратешки капацитети“,
рече тој набројувајќи сектори како што се критичните минерали, енергетската безбедност и вештачката интелигенција.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера ја покани Канада да стане прва придружна членка на ЕУ, изјавувајќи дека сака да ги подигне билатералните односи „на највисоко можно ниво“.
Карни доби овации од пратениците во Европскиот парламент во Стразбур, кои чекаа ред за да се ракуваат и да направат „селфи“ со канадскиот лидер.
„И Канада и Европа се силни. Европа и Канада се посилни заедно… Целта не е самодоволност, туку колективна отпорност“,
рече тој истакнувајќи дека сојузот меѓу ЕУ и Канада би бил „светилник за другите демократии“.
Во говорот, Карни детално ги изнесе своите планови за идните односи, наведувајќи дека двете страни би можеле да соработуваат во областите на критичните минерали, одбранбените индустриски капацитети, вештачката интелигенција и компјутерските технологии, енергетската безбедност, вселената и платниот промет. Тој исто така повика на „непречена дигитална трговија со неземјоделски производи и широк спектар на услуги“.
Тој предложи програма за размена на млади, која би им овозможила на младите луѓе да работат, студираат и живеат во двете области, како и вклучување на Канада во „Еразмус+“, програмата на ЕУ за образование, обука и спорт. На новинарско прашање за тоа кој концепт го претпочита, Карни одговори:
„Прецизната терминологија за Европа е прашање за самата Европа, вклучените лидери и пратеници сметаат дека суштината е она што е важно“.
Тој исто така изјави дека Канада „не е во позиција, ниту, пак, се стреми да стане полноправна членка на Европската унија“ и дека канадскиот парламент ќе расправа и ќе гласа за идните односи.
Американскиот претседател Доналд Трамп го оцени како „непријателски чин“ предлогот Канада да стане придружна членка на Европската Унија, посочувајќи дека доколку тоа се случи, Сoединетите Американски Држави (САД) би можеле да воведат многу високи царини или целосно да ја прекинат трговијата со Европа.
Во денешното соопштение на Европската комисија се вели дека предлогот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Канада да стане придружна членка на Европската Унија не е насочен против Соединетите Американски Држави (САД).
