Координаторот на пратеничката група на СДСМ покажа документи со кои ги поткрепува обвинувањата за директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Петар Гајдов

Обвинувања за манипулација, фалсификување документи и прекршување на процедурите изнесе денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, против директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Петар Гајдов.
Според Спасовски, Агенцијата го изгубила институционалниот кредибилитет поради постапките на нејзиниот прв човек.
Спасовски се наврати на времето кога Гајдов се вработил на работното место помошник-раководител на Секторот за правни, општи работи и управни постапки, во рамките на Секторот за управно-правни работи, за кое се барал еден извршител.
„Ова е јавниот оглас врз основа на кој сте се вработиле. Во јавниот оглас е наведено дека предвиденото вработување, согласно со Годишниот план на институцијата за 2020 година, е за Албанец, односно Албанка. Од решението со кое е извршен изборот јасно се гледа дека сте биле избран за помошник-раководител на тоа работно место како етнички Албанец. Јас не навлегувам во тоа дали сте Албанец, Македонец, Кинез или нешто друго. Секој има право слободно да ја изрази својата национална припадност. Но, вие сте Албанец сè до моментот кога треба да конкурирате за директор на институцијата“,
рече Спасовски.
Потоа, додаде тој, кога Гајдов конкурирал за директор на институцијата, дал изјава заверена кај нотар, во која се изјаснил дека се чувствува како Македонец, со македонска национална свест, и му припаѓа на македонскиот народ.
Спасовски понатаму продолжи дека Гајдов пред да дојде на директорската функција, како претседател на Прекршочната комисија донел спорно решение за запирање на постапка против Марија Митева, тогашна портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ, а сегашна портпаролка на Владата.
„Претседател на Прекршочната комисија бил Петар Гајдов, а членови биле Василка Поп-Ѓорѓиева и Инџи Џоџа. Меѓу другите предмети, постои еден предмет што е интересен за јавноста. Но, моето внимание не е насочено кон самиот предмет, туку кон начинот на кој сте го затвориле. Без да навлегувам во исправноста или неисправноста на тоа што сте го направиле, предметот се однесува на Марија Митева, тогашна портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ, а денес портпаролка на Владата и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Спасовски.
Според него, спорно е тоа што е донесено решение со кое, практично, се запира постапката, со образложение дека нема услови за изрекување прекршочна санкција.
„Во него стои дека постапката против Марија Митева, службено лице за посредување со информации од јавен карактер кај имателот на информации ВМРО-ДПМНЕ, се запира затоа што не подготвила и не доставила извештај до Агенцијата, согласно со член 115 став 2 од Законот за прекршоците“,
кажа Спасовски дека е наведено во решението.
Објавувајќи делови од образложението, тој рече дека прекршочната комисија на 24.7.2025 година, по електронска пошта, го известила службеното лице за посредување со информации од јавен карактер, односно Марија Митева, „дека има право, во рок од три дена од денот на приемот на известувањето, да се изјасни за фактите и доказите во врска со сторениот прекршок“, што е во согласност со процедурата.
„Значи, на 24.7.2025 година ѝ доставувате писмено известување по електронска пошта на Марија Митева за да се изјасни дали се чувствува виновна и дали има нешто да наведе во своја одбрана, за потоа Комисијата да донесе одлука. Но, што е чудно и што е невистинито? Овде имаме записник од одржана седница на Прекршочната комисија. Станува збор за записник од 21. седница на Прекршочната комисија при Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, одржана на 21 [недостига целосниот датум] 2025 година. Тоа е три дена пред да ја започнете постапката со доставувањето на писмото до лицето задолжено за слободен пристап до информации“,
образложи Спасовски.
Во записникот од 21. седница, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, биле наведени членовите Василка Поп-Ѓорѓиева и Инџи Џоџа, но според нивни писмени изјави, тие воопшто не присуствувале на таа седница.
Според Спасовски, со ваквите постапки се фрла сериозен сомнеж врз сите стотици предмети со кои раководи Агенцијата и побара одговорност за, како што рече, нарушувањето на угледот на оваа важна државна институција.
„Мислам дека е крајно некоректно да имате ваков пристап. Како што кажав и на почетокот, личниот кредибилитет е многу важен. Од човек кој пред пет години се изјаснувал како Албанец за да добие работно место во Агенцијата, а пет години подоцна, кога треба да стане директор, се изјаснува како најголем Македонец, верувајте, очекувам сè. Поради сето ова, мислам дека треба да се срамите и вие, и партијата што ве поставила за директор. Не смеете да ја срамите и институцијата со која раководите“,
додаде Спасовски.
