Болничар од инфективното одделение во штипската болница е позитивен на коронавирусот, потврди директорот на болницата Ален Ѓеорѓијев. Негативен е резултатот за младиот лекар инфектолог, а други 12 медицински лица од ова одделение ќе се тестираат на утврдени датуми.
Од минатата седмица, вкупно 14 здравствени работници од Штип, од кои двајца инфектолози, осум медицински сестри и четворица болничари, се во домашен карантин. Тие имале контакт со 80-годишнтаа жена од Штип, која почина во вторникот на Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Поради овој случај, следуваше реорганизација на работата на ова одделение во штипската болница. На инфектологот, кој немал контакт со сега починатата пациентка, на помош ѝ доаѓа колешка од Општата болница во Струмица.
На инфективното одделение во штипската болница моментно се лекуваат вкупно осум пациенти од Штип и Кочани позитивни на коронавирус.