По неколку часа во место, километарската колона од возила што чекаа влез во земјава на граничниот премин Табановце започна да се движи. Од она што може да се забележи од камерите од српска страна, возилата бавно, но во континуитет се движат кон граничните рампи.
Засега нема официјални информации дали завршила големата акција на Министерството за внатрешни работи и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) што и беше причина за големиот застој на граничниот премин.
Претходно, од камерите можеше да се забележи километарската колона, како и нервозни граѓани кои постојано се движеа околу автомобилите, не знаејќи кога ќе можат да влезат на македонска страна. Револтираните граѓани кои чекаа неколку часа кажаа дека ниту еден автомобил не влегол во Македонија повеќе од три часа и се пожалија дека ова се случува на ниски температури без да добијат информација од службите за што точно станува збор.