Не гледам потреба од лидерска средба, одговара премиерот Зоран Заев по вчерашното барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за лидерска средба во врска со преговорите со Бугарија.
„Не гледам потреба од лидерска средба. Особено со човек кој нема став за ниту едно важно, национално или стратешко прашање“,
вели Заев во изјава за ТВ21.
Во одговорот тој уште еднаш посочува дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет и посебност се меѓународно потврдени и признаени од целиот свет, а со Бугарија, нагласува, имаме Договор за соработка и добрососедство кој е потпишан и на македонски јазик.
„За темите кои произлегуваат од Договорот изразуваме волја да ги решаваме преку работата на комисиите кои имаат надлежност за тоа. Мицкоски не е за договор на која било тема, тој бара начин само како да наштети на државата, особено на процесите кои не водат кон ЕУ“,
одговара Заев.
Истиот одговор како Заев го даде и портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
Мицкоски, пак, вчера преку медиумите повика на лидерска средба бидејќи според него сериозни прашања треба да се решаваат на такви средби.
Тој дури рече оти смета дека се потребни не една, туку повеќе лидерски средби од кои заеднички ќе излезат со решение пред граѓаните.