Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека Бугарија бара нов Договор по пример на Преспанскиот кој ќе опфати уставни измени
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска ги повика лидерите на релевантните политички партии во земјава на лидерска средба за, како што рече, сериозни прашања, односно разговорите со Бугарија.
„Сериозни прашања се решаваат на лидерска средба, на маса. Еве, ја користам оваа прилика да ги повикам лидерите на релевантните политички партии, не зборам за оној кој што ги организираше претходните лидерски средби кои што завршуваа со фијаско, туку релевантните политички партии, да седнеме и да разговараме отворено за прашањето кое што денеска е актуелно, а тоа се преговорите со нашиот источен сосед. Тоа е многу важно“,
рече Мицкоски на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој смета дека се потребни не една, туку повеќе лидерски средби и заеднички да излезат со решение пред граѓаните. Затоа што, како што рече, на граѓаните им е преку глава од политиканство и политики.
Мицоски денеска повтори дека останува на ставот дека е разговарано за нов договор со Бугарија, кој, како што рече, ќе биде сличен на Преспанскиот и ќе опфаќа уставни измени.
„И чудно зошто тоа никој од бугарска страна не го демантираше. Еве ве охрабрувам и вас како медиум да го поставите тоа прашање на политичарите на нашиот источен сосед, дали е ова вистина. Чудно е зошто никој од нивна страна не го демантираше сето тоа. А зошто дојдовме до таа состојба, е тоа е веќе друго прашање. Кои се политичарите кои не доведоа ние денес да стравуваме за нашата европерспектива како држава. Тоа е веќе прашање кое што заслужува лидерска средба, отворен разговор, и после тој разговор да излеземе или ќе понудиме решение или конечно ќе кажеме дека ние не можеме да се разбереме меѓу себе и тогаш ќе треба да бараме друг пат“,
рече Мицкоски.
Првично лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ова го изјави неделава во интервју за Канал 5, што беше демантирано од министерот за надворешни работи Бујар Османи. Премиерот Зоран Заев, изјавата на Мицкоски ја оцени како неодговорна, додавајќи дека на разговорите со Бугарија треба да им се даде шанса.
*Поврзани вести:
Мицкоски: Не верувам дека Бугарија ќе ги блокира нашите евроинтеграции