Под контрола, пак, од ЦУК информираат дека се пожарите во село Тајмиште, месноста Дарда, во Општина Кичево, каде што гори високостеблеста букова шума, како и пожарите на градската депонија „Мелци“ во Кавадарци и на депонијата во Делчево, каде што гори ѓубре

Деветнаесет пожари на отворен простор се регистрирани денеска до 18 часот, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив пет пожари сè уште се активни, три се под контрола, а 11 се изгаснати.
Активни се пожарите во општините Студеничани и Зелениково, каде што огнот се шири од селата Моране, Вртекица и Рамни Габер кон кракот за село Палиград, како и над село Вражале во Општина Зелениково, каде што гори мешана шума.
Во Општина Зелениково активен е пожарот кај село Тисовица, каде што гори мешана шума и ниска вегетација. Пожар е активен и над село Нежилово во Општина Чашка, во месноста Сватови, каде што горат ниска вегетација и смреки.
Активен е и пожарот кај село Трново во Општина Гостивар, кој се шири кон селата Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод. Тука горат нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат.
Во Општина Ново Село активен е пожарот на депонијата во Ново Село.
Под контрола, пак, од ЦУК информираат дека се пожарите во село Тајмиште, месноста Дарда, во Општина Кичево, каде што гори високостеблеста букова шума, како и пожарите на градската депонија „Мелци“ во Кавадарци и на депонијата во Делчево, каде што гори ѓубре.
Во текот на денот, додаваат, се изгаснати 11 пожари. Во Општина Желино изгаснати се пожарите во село Желино, каде што гореле ниска вегетација, меѓи и грмушки, и во село Стримница, каде што горела ниска вегетација. Изгаснат е и пожарот во село Одри, Општина Теарце.
Во Општина Македонски Брод изгаснат е пожарот меѓу резерватот „Јасен“ и село Брезница, каде што гореле ниска вегетација и борова шума, додека во Општина Кичево е изгаснат пожарот во село Зајас, каде што горела ниска вегетација.
Во Општина Делчево изгаснати се пожарите во село Ветрен, каде што гореле ниска вегетација и мешана шума, и во село Бигла, каде што горела одложена кожа во кожарницата „Годел“.
Изгаснати се и пожарите во село Виничани, Општина Градско, каде што горела ниска вегетација, во село Форино, Општина Гостивар, каде што горела ниска вегетација, како и во село Манастирец во Општина Росоман, каде што гореле лозови и овошни насади и во Росоман, каде што горела ниска вегетација.
