Денеска на владина седница треба да се дискутира за најавата за разрешување на Пауновски откако одби да прими 33 административни работници од програмата К-5, односно работници распределени според Рамковниот договор
Тројца вработени во Државниот пазарен инспекторат денеска имале средба со премиерот Зоран Заев, а му доставиле и документи како аргументи за професионалното работење на нивниот директор Стојко Пауновски.
Денеска на владина седница треба да се дискутира и за најавата за разрешување на Пауновски откако одби да прими 33 административни работници од програмата К-5, односно работници распределени според Рамковниот договор.
Заев и денеска повтори дека мора да се почитуваат законите, одлуките на Владата, но и етичкиот кодекс за функционерите. Тој додаде дека и според етичкиот кодекс, но и според законските регулативи има можности за предлог за разрешување, но и предлог за останување на Пауновски. Заев потенцираше дека Пауновски е поставен за директор со политичка одлука и дека претходно бил активен во нивниот партиски огранок во Тетово.
„Имаме плејада опции по кои може да постапи Владата. Важно е да се почитуваат законите, одлуките, да има ефикасност во работењето, но и етичкиот пристап во однесувањето. Сакам во детали да ги прочитам документите што ми ги доставија вработените во Државниот пазарен инспекторат и потоа на седница ќе ги изнесеме сите аргументи, па по владината дебата ќе има одлука“,
рече Заев на новинарско прашање по денешната посета на новоотворената фабрика „Гересхајмер“.
Преписките меѓу директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски и премиерот Зоран Заев започнаа откако Пауновски одби да ги прифати распределените работници по Рамковен договор, образложувајќи дека не им се потребни административни работници, туку инспектори за на терен. Заев најави разрешување на Пауновски, по што речиси сите вработени во ДПИ се потпишаа на петицијата за поддршка на нивниот директор. На социјалните мрежи беше креирана и група за поддршка на Пауновски.