Петицијата за поддршка на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, уште вчера е потпишана од речиси сите вработени. Тие бараат да оставарат и средба со премиерот, Зоран Заев, со цел да не се случи најавеното разрешување на Пауновски.
Вработени во ДПИ велат дека нема да одат на штрајк, туку на законски начин се обраќаат до премиерот на државата. Тие добиле и поддршка од Синдикалната организација УПОЗ како и од Стопанските комори. Напоменуваат дека државните пазарни инспектори се постојано на терен и продолжуваат да постапуваат по протоколите и Законот за заштита на населението од заразни болести, бидејќи како што велат здравјето на граѓаните е пред сè.
Досега не добиле одговор по однос на барањето за прием во Владата, но со собраните потписи и преку писмен допис в понеделник ќе се обратат за да побараат средба со премиерот Заев. Се надеваат дека од средбата ќе има позитивен договор.
Во меѓувреме, на социјалната мрежа „Фејсбук“ се појави и група креирана од граѓани, преку која му изразуваат поддршка на Пауновски.
Целата ситуација настана, откако премиерот Заев вчера рече дека очекува од вицепремиерот Љупчо Николовски да даде предлог за разрешување на директорот на Пазарниот инспекторат, бидејќи не сакал да потпише и да ги преземе прераспределените административци по Рамковен договор.
Пауновски, уште во јануари реагираше и кажа дека не е задоволен од кадарот кој ќе го добие со распределбата на лицата кои досега земаа плата од Министерството за политички систем и односи со заедниците, иако не одеа на работа. Првиот човек на ДПИ, тогаш во изјава за „360 степени“ рече дека тој барал инспектори во Источна Македонија, а добил друг профил на работници за Западна Македонија.
Според планот, ДПИ ќе добие 35 лица, но Пауновски рече дека тие не биле консултирани претходно за тоа каков кадар им е потребен, ниту во кои градови имаат недостаток.
„Точно е дека добивме луѓе со распределбата, меѓутоа повеќето се со Факултет за детективи и криминалистика, а нас ни се потребни инспектори, луѓе кои ќе одат на терен. Ние можеме од нив да направиме инспектори, но за тоа ќе бидат потребни три до четири години и ќе зависи од тоа дали тие сакаат да работат како инспектори. На Државниот пазарен инспекторат најмногу му е потребен кадар во Источна Македонија, во Гевгелија, Струмица, Радовиш, но за овие градови не добивме. Во Струмица имаме шестмина од кои двајца одат во пензија, таму ни е потребен кадар. Слична е ситуацијата и во другите градови во Источна Македонија“,
изјави Пауновски на 23 јануари.
Тогаш, тој кажа дека во Тетово, Државниот пазарен инспекторат има 43 вработени, а со новите десетина лица предвидени за во овој град, ќе има повеќе вработени отколку во Инспекторатот во Скопје.