Синоќа од Владата излегоа со соопштение дека директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), бил писмено известен за сите детали во врска со оправданоста на распределбата на рамковно вработените, како и дека тој не ја почитувал законската обврска
Директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Стојко Пауновски, во изјава за Алсат ТВ, вели дека не добил никакво укажување од Владата за неговото однесување.
„Немам добиено такво укажување“,
вели Пауновски.
Од Алсат ТВ не добиле одговор од Владата и од Николовски дали му било укажано на Пауновски за однесувањето.
Според владиниот етички кодекс, потсетува Алсат ТВ, функционер се разрешува и ако тој јавно не се согласува со одредена владина одлука, а има опција и за поблага мерка. Но, за да дојде до негово разрешување, тоа треба да биде иницирано од вицепремиерот Љупчо Николовски, кој е одговорен за следење и спроведување на етичкиот кодекс, а не од премиерот Зоран Заев. Во случајот со директорот на ДПИ, Заев веќе најави дека очекува предлог за разрешување.
Вчера, пак, од Владата излегоа со соопштение дека директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), бил писмено известен за сите детали во врска со оправданоста на распределбата на рамковно вработените, како и дека тој не ја почитувал законската обврска.
„Членот 5 од Законот за преземање на административни службеници вработени преку K-5 програмата во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, е донесен во декември 2020 година, утврдува дека раководните лица во институциите, се должни да ја започнат постапката за усогласување на актите за систематизација на работните места со одредбите од овој закон во рок од 30 дена од денот на усвојувањето на Планот за преземање. Ова го прифатија 237 институции. Директорот на Државниот пазарен инспекторат беше писмено известен за сите детали и информации во врска со оправданоста и начинот на распределбата и за тоа дека не ја почитува законската обврска, односно дека во законскиот рок не го прилагодил актот за систематизација на работни места во оваа институција што е дел од постапката за мобилност преку преземање на дел од нераспоредените административни службеници“,
рекоа од Владата.
Додека трае јавната конфронтација помеѓу Пауновски и Владата, голем дел од вработените во ДПИ застанаа на страна на директорот. Собираат потписи за негова поддршка, а најавија дека утре ќе испратат и писмен допис до Владата со барање за средба со цел да не се реализира најавата за разрешувањето на нивниот директор.