Стопанската комора ја доделува плакетата по повод 100 години од нејзиното формирање, а е наменета за личности кои најмногу придонеле за регионалната бизнис интеграција. Истата награда на претходниот самит во Охрид ја добија и Ковачевски, Рама и Вучиќ
Голема плакета од Стопанската комора на Северна Македонија како признание за особен придонес во креирањето и продолжувањето на регионалната иницијатива Отворен Балкан, доби денеска поранешниот премиер Зоран Заев во рамки на саемот за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград.
„Благодарам на Стопанската комора за честа што ни ја укажа на лидерите од овие три земји за Иницијативата „Отворен Балкан“, бидејќи само заедно сплотени регионално, можеме да направиме многу повеќе за економиите на сите земји дел од процесот, да обезбедиме поголема економска соработка, повеќекратно зголемување на размената што ќе придонесе за побрз развој на регионот и благосостојба за граѓаните“,
изјави Заев.
Како бизнисмен, рече тој, ќе продолжи да ги поддржува сите иницијативи во рамки на процесот Отворен Балкан бидејќи истите влијаат на развојот на бизнисите, приходите во буџетите на државите и со тоа влијаат на економската перспектива на регионот на западен Балкан.
Тој кажа и оти се надева дека и останатите земји од овие простори ќе се приклучат на Иницијативата за сите заедно да чекорат на зацртаниот пат кон Европската Унија.
Во објаснувањето за доделувањето на наградата, посочија дека Заев во својот мандат како премиер покренувајќи процеси од големо значење за нашата држава совршено добро разбрал дека македонската економија без регионална димензија нема шанси за успех.
„Со тоа ги отвори видиците на нашите компании надвор од границите на државата, а пред сè во соседните земји и остави аманет до сите нас, тој пристап да продолжи и понатаму водејќи сметка и за интересите на сопствената држава. Заев продолжува да ја развива и поддржува иницијативата ’Отворен Балкан‘, сега од другата страна, од страната на бизнис секторот, како двигател на економијата кој води напред, сè друго останува на историјата“,
посочија од Комората.
Комората ја доделува плакетата по повод 100 години од нејзиното формирање, а е наменета за личности кои најмногу придонеле за регионалната бизнис интеграција. Истата награда во јуни на самиот на Отворен Балкан во Охрид, им беше врачена и актуелниот премиер Димитар Ковачевски, како и на српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама.
*Повеќе вести од Саемот за вино, храна и туризам и Самитот на Отворен Балкан од Белград:
- Лидерски самит и македонска вечер во рамки на Отворен Балкан во Белград
- Вучиќ: Со С Македонија денес сме најблиски – и кога имавме одредени проблеми, бевме блиски
- Ковачевски: Со „Отворен Балкан“ сакаме да поправиме се што не се инвестирало изминатите 30 години во енергетското поврзување на регионот
- Комплетно кревање на рампите меѓу С Македонија, Албанија и Србија треба да биде наша заедничка цел, смета Ковачевски
- Рама: Сериозно ќе размислиме да ги поканиме земјите од ЕУ во Отворен Балкан
- Потпишан договор за обезбеденост со храна меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија
- Ќе се формира копродукциски фонд „Отворен Балкан“ за филмските професионалци
- Договорен развој на „Вински патишта на Отворен Балкан“