Преку овој договор, посочуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), земјите членки на Отворен Балкан се согласни да нема меѓусебни забрани за тргување со основни земјоделско-прехранбени производи, како и укинување на сите квантитативни ограничувања на увозот или вршење на реекспорт во трети земји за основните земјоделско-прехранбени производи кои потекнуваат од членките на Отворен Балкан
Во рамки на самиот на Отворен Балкан, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски потпиша договор за обезбеденост со храна со министрите за земјоделство на Србија и Албанија, Бранислав Недимовиќ и Фрида Крифца.
Преку овој договор, посочуваат од МЗШВ, земјите членки на Отворен Балкан се согласни да нема меѓусебни забрани за тргување со основни земјоделско-прехранбени производи, како и укинување на сите квантитативни ограничувања на увозот или вршење на реекспорт во трети земји за основните земјоделско-прехранбени производи кои потекнуваат од членките на Отворен Балкан.
„Сите држави во светот, како последица на војната во Украина, се соочуваат со сериозна криза и предизвик како да обезбедат доволно храна. Овој договор ја има токму таа цел, да утврди јасен начин за непрекината трговска размена овозможувајќи стабилен и непречен проток во снабдувањето со основните земјоделско-прехранбени производи помеѓу земјите членки на Отворен Балкан“,
посочуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во рок од 30 дена ќе се формира и Заедничка работна група за да ја следи имплементацијата на овој договор.
Дополнително, трите држави ќе извршат мапирање на капацитетите за складирање на основните земјоделско-прехранбени производи и во рок од 90 дена ќе подготват план за политики за подобрување на капацитетите за нивно складирање.
„Трите држави членки на Отворен Балкан заеднички ќе работат во развивање на Акциски план 2030 – за обезбеденост со храна во рамки на иницијативата „отворен балкан. План чиј фоус се следите иницијативи справување со ефектите од климатските промени, дигитализација и иновации во прехранбената индустрија, одржливост во производството на храна во регионот и синџири на вредности во земјоделско-прехранбената област“,
нагласуваат од МЗШВ.