Трите земји од „Отворен Балкан“ ја имаат предвид важноста што ја има овој сектор во развојот на креативните индустрии, мобилноста на уметниците и филмските професионалци
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и ресорните министерки на Албанија и на Србија, Елва Маргарити и Маја Гојковиќ, денеска во рамките на Самитот „Отворен Балкан“, што се одржува во Белград, потпишаа Меморандум за разбирање и соработка во областа на кинематографијата и аудиовизуелните активности во Западен Балкан.
„Со овој документ придонесуваме кон зацврстување и проширување на соработката и меѓусебното разбирање на полето на кинематографијата и аудиовизуелните активности во регионот. На овој начин се олеснува комуникацијата во сферата на кинематографијата и се поттикнуваат културниот и економскиот развој со одржлива иднина во ресорот и на уметниците и филмските професионалци од Западен Балкан“,
истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.
Трите земји од „Отворен Балкан“ ја имаат предвид важноста што ја има овој сектор во развојот на креативните индустрии, мобилноста на уметниците и филмските професионалци, како и давањето услуги за потребите на кинематографските (ко)продукции на пазарот на Западен Балкан.
Костадиновска-Стојчевска посочи дека Меморандумот ни овозможува промоција на заедничкото кинематографско наследство.
„Преку овој начин на соработка ќе добиеме размена на најдобрите практики и искуства, со што ќе се овозможи развој на филмската култура во Западен Балкан, зајакнување во областа на продукцијата и на промоцијата на филмот, унапредување на копродукциите, oрганизирање заеднички проекти и настани. Ќе биде формиран заеднички, копродукциски фонд ’Отворен Балкан‘ за филмските професионалци, а ќе се олесни и заедничкото аплицирање за други фондови, ќе се окрупни и засили дистрибуцијата и ќе се добијат голем број други поволности за усовршување на овој значаен сегмент од културата во регионот“,
рече министерката за култура.