Подобра иднина од иднината во која сме членка на ЕУ не постои. Тоа го знаеме сите. За вакви прашања не смее да се калкулира со рејтинг. Политичарите доаѓаат и заминуваат. Важно е државата и народот да одат напред кон извесна иднина, вели Заев
После 17 години конечно имаме голем исчекор – почнуваме преговори со ЕУ. Особено сакам да му честитам на македонскиот народ – влегуваме во ЕУ како Македонци, со заштитен македонски идентитет и многу важно, со нашиот македонски јазик.
Ова е дел од пораката што ја испраќа поранешниот премиер Зоран Заев откако денеска Собранието ги изгласа заклучоците за францускиот предлог, а Владата одлучи да го прифати.
Во објавата Заев вели дека сака да ги охрабри граѓаните да продолжат по овој пат и порачува дека има уште многу работи, но конечно е направено придвижување.
„Ги разбирам оние граѓани кои се лути и загрижени од економските и безбедносните состојби – стабилноста, инфлацијата, растечките цени. Тие се фокусирани на обезбедување стабилност за себе и за своите семејства. Тие се разочарани од мачниот пат кон ЕУ и долгата серија неуспешни обиди да почнеме преговори, за што со право се лутат и на ЕУ, но и на политичарите од Република Бугарија поради неочекуваниот застој кој ни го приредија. Но, треба да се знае дека не е работа на граѓаните да внимаваат на можни стапици во документите – тоа е работа на лидерите и политичарите“,
вели Заев.
Оние кои се должни да знаат сè и да носат исправни одлуки, додава тој, се владата и парламентот и тој е убеден дека одлуката да се поддржи францускиот предлог ја обезбедува европската иднина и го гарантира македонскиот идентитет во ЕУ.
„Подобра иднина од иднината во која сме членка на ЕУ не постои. Тоа го знаеме сите. За вакви прашања не смее да се калкулира со рејтинг. Политичарите доаѓаат и заминуваат. Важно е државата и народот да одат напред кон извесна иднина. Покрај сè, Владата треба да биде државотворна и никако поинаку. Одлуките мора да се донесат затоа што само тоа е исправно. А, опозицијата? Жалам што сето ова само го користеа за да се догребат до власт, но за сметка на тоа не направија ни еден чекор да им помогнат на народот и државата. Затоа се и ќе бидат уште долго во опозиција“,
вели поранешниот премиер потсетувајќи дека и за Охридскиот договор некои велеле дека ќе се поалбанчиме, за територијалната организација дека ќе се федерализираме, а за Преспанскиот договор дека ќе сме го изгубеле идентитетот.
Во објавата експремиерот им се заблагодарува на македонските пратеници и граѓани кои се издигнале над поделбите и решиле да го поддржат решението, а лично во благодарницата ги споменува и на претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, шефот на дипломатијата Бујар Османи и лидерот на ДУИ Али Ахмети. Исто така, Заев им се заблагодарува на ГЕРБ на Бојко Борисов и на ДПС на Мустафа Карадаи, како и на Продолжуваме со промените и Кирил Петков и Демократска Бугарија и Христо Иванов.