Поранешниот премиер Зоран Заев реагира на вчерашната одлука на Апелацискиот суд за укинување на првостепената пресуда и враќањето на повторно судење на предметот „Таргет-тврдина“. Стотици илјади граѓани со години се боревме да ги срушиме алчните арамии од режимот и успеавме, а сега некој се исмева со таа борба и се обидува да ја ништи освоената правда, напиша Заев на „Фејсбук“.
Според него, двете поништени пресуди значат поттик за повторување на грозоморните дејствија на „режимската врхушка“ и се мотивираат, како што вели, и други чинители да прават исти вакви грозоморни дејствија со кои се газат масовно човекови права и сите вредности за кои се бореше целиот македонски народ пред само неколку години преку Шарената револуција.
„Што е следно, Мијалков да стане директор на АНБ, а Груевски да се врати невин на бел коњ? Па и утре да станеме членка на ЕУ тоа нема да го испере овој срам и блам. Ги повикувам сите надлежни од и околу правосудството, сите со грам одговорност за иднината на нашата земја и нашиот народ, да не дозволат да застарат делата на Мијалков и да направат сѐ виновниците да одговараат бидејќи за нивните злодела има докази чисти како ден“
напиша Заев на „Фејсбук“.
Апелацискиот суд Скопје ја укина првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“, со која поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, беше осуден на 12 години затворска казна и го врати предметот на повторно судење.
„Таргет-Тврдина“ е главен предмет од аферата за масовното нелегално прислушување, а со првостепената пресуда, покрај Мијалков, на затворска казна од четири години беше осудена поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Највисоки казни од по 15 години затвор добија двајцата избегани контраразузнавачи од т.н. Петта управа на тогашната УБК, Никола Бошковски и Горан Грујовски.
Во случајот беа обвинети вкупно 11 лица, кои со првостепената пресуда, која Апелација сега ја укина, беа осудени на вкупно 55 години затвор и 10 години условен затвор.