Денеска разговаравме за билатерален проблем и решението треба да го најдеме билатерално, рече македонскиот премиер на заедничката прес-конференција во Софија со бугарскиот колега Јанев
Во овој момент имаме прозорец на можности да создадеме клима на доверба и дијалог меѓу двата братски народи, за политичарите потоа да најдат решение кое нема да биде на штета на националните интереси, заклучија премиерите на С Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Стефан Јанев, на заедничка прес-конференција по денешниот состанок во Софија.
Привремениот бугарски премиер рече дека македонската делегација дошла кај него со конкретен предлог, кој ќе биде сериозно разгледан во наредните денови. Тој рече дека основна точка на денешните разговори била европската перспектива на С Македонија и можностите за почнување разговори за одржување на првата меѓувладина седница со ЕУ.
„Како соседи, пријатели, братски народи имаме потреба од честа комуникација и размена на мислења. Со години наназад, политиката на Бугарија е ориентирана кон цврста поддршка на европерспективата на С Македонија, Албанија и на другите земји од Западен Балкан за членство во ЕУ. Делегацијата на Заев дојде со конкретен предлог, кој ќе го разгледаме сеопфатно и професионално во наредните денови. Констатиравме дека во моментов имаме прозорец на можности да работиме по нерешените прашања за исполнување на Договорот за добрососедство од 2017 година. Сега ни е приоритет да создадеме атмосфера на доверба, пријателство и на дијалог, што ќе им помогне на нашите експерти и политичари да дојдат до решение. Во рамки на овој дијалог, треба прво да ги решиме меѓусебните проблеми, за да не остават проблеми во европското семејство“,
рече Јанев.
Заев изјави дека на средбата со Радев, од македонска страна била поттикната и дискусија за предлогот на португалското претседателство. Тој оцени дека решението меѓу Скопје и Софија треба да се бара на билатерално ниво. Исто така, посочи дека останува на вечера во Софија, каде што македонската делегација ќе го следи и денешниот фудбалски натпревар С Македонија – Украина.
„Денеска седнавме и разговаравме за билатерален проблем. Имаме пријатели насекаде во светот, ама решението треба да го бараме билатерално. Ако сме одговорни лидери на нашите народи, наша обврска е да работиме за пронаоѓање решенија Секако, денеска разговаравме за структурата, за суштината на можното решение, преку патоказот, патната карта, преку секторската соработка… Разговаравме и за интензитетот на работата на заедничката комисијата, а од наша страна секако го искоментиравме и португалскиот предлог. Верувам дека имаме можност да дојдеме до решени. Исчекор напред е и самото тоа што седиме заедно и бараме решение, кое, уште еднаш потенцирам, мора да биде билатерално и мора да соодветствува на интересите на двете страни. само така граѓаните ќе го поддржат и само така ќе имаме успешна реализација“,
рече Заев по средбата со Јанев.
Тој посочи дека од Владата во Софија заминува на средба кај бугарскиот претседател Румен Радев. Рече и дека, по покана на Јанев, македонската делегација останува на вечера во Софија, каде што ќе ја гледаат и фудбалскиот натпревар од Европското првенство.