Пред почетокот на средбата со лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, премиерот Заев во изјава за БГНЕС порача дека тој секогаш се надева на успешни разговори. На прашањето дали се подготвени за сериозни преговори и какви гаранции ќе даде С Македонија кон Бугарија, Заев вели двата пријателски народи треба да се поддржуваат и постојано да бараат заедничко решение.
„Два пријателски и братски народи треба постојано да разговараат и да бараат решение. Решението е некаде тука околу нас. Треба да го најдеме. Секогаш се надевам разговорите да се успешни, но и да не успееме овој пат, да направиме чекор напред и да се надеваме дека следниот пат ќе успееме“,
изјави Заев.
На средбата со Борисов, како што информираат од владината прес-служба, била изразена желба врз основа на претходните позитивни искуства од подготовката и потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство и врз основа на лидерството на Бугарија во однос на проширувањето на ЕУ, кога претседаваше со Советот на Европската Унија, со нова динамика да продолжи поддршката на евроинтеграциските процеси на Северна Македонија и на Западен Балкан.
За време на разговорот имало и пораки дека техничката влада на Република Бугарија ја има целата надлежност и уставна можност да решава актуелни отворени прашања.
„Премиерот Заев на средбата истакна дека тој и владината делегација се во Софија за да се вложат напори за градење доверба и да се направи чекор напред кон решение бидејќи македонскиот и бугарскиот народ се блиски и природно повикани на соработка. Тој додаде дека Софија има особено значење за македонската интеграција бидејќи токму тука беа поставени контурите на Договорот од Преспа за време на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во 2018 година и дека тие заеднички искуства од непосредното минато и сега треба да бидат поттик и начин на изнаоѓање решенија за актуелната ситуација меѓу двете земји“,
соопштија од Владата.
На средбата, како што пренесе БГНЕС, Борисов порачал дека претседателот Радев и техничката влада во Бугарија лажат дека се залагаат за членство на С Македонија во ЕУ и дека тие не се подготвени да ја преземат одговорноста за договор, префрлувајќи ја одговорноста на парламентот.
Претходно, премиерот Заев на Твитер соопшти дека со Борисов изразиле загриженост за иднината ако не се постигне договор и се согласиле дека двете држави не смеат да дозволат младите и идните генерации „да се замразат“.