Може да се случи Собранието да не носи нов закон за легализација, да застанеме тука, ако преовладува такво мислење. Ако кажеме од утре да рушиме 50 000 домови, да ги рушиме, вели премиерот откако претседателот Стево Пендаровски одби да стави потпис на Законот за легализација на дивоградбите
Законот за легализација на дивоградбите се носи за да се спасат преку 50 000 домови на граѓани кои живеат под прагот на сиромаштијата, вели премиерот Зоран Заев коментирајќи го ветото на претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој не го потпиша новото законско решение бидејќи го оцени како неуставно и спротивно на владеењето на правото.
Коментирајќи ги критиките дека со Законот се предвидува да запрат сите кривични и граѓански постапки што се во тек, а се поврзани со изградба на бесправни објекти, Заев рече дека не може сите да легализираат, а некој кривично да одговара. Посочувајќи го примерот со Стевчо Јакимовски, премиерот рече дека против него има обвиненија и за други дела.
„Владата има обврска да носи решенија, затоа е ова решение за продолжување на легализацијата со 50 отсто поскапи комуналии, но и пред се заради заштита на домовите и куќите на посиромашните граѓани. Новина во законот е тоа што за сите приматели на социјална помош бесплатно ќе се изработат геометриски елаборати и бесплатно ќе се легализираат тие 50 илјади објекти. Кога се носи вака одлука да се даде шанса преку 50 000 куќи да се легализираат, тогаш не можете тие претходните кривично да ги гоните. Не е уставно. Ако алудирате на Јакимовски тој има три кривични дела, двете кривични пријави немаат врска со легализацијата, а во едната има повеќе од три обвиненија, до кои едното е само за легализација. Така што дефинитивно кога предлагате како институции ги гледате соодветно поставеностите. Не може сите да легализираат, а некој кривично да одговара, и тој може да ја продолжи постапката за легализација кога носите вакви одлуки“,
рече Заев.
На новинарско прашање дали државата на овој начин го стимулира градењето на диво, Заев рече дека затоа се предвидени поскапи комуналии и законот не ги опфаќа станбените згради.
Премиерот рече дека Законот повторно ќе се врати во Собранието и дека ќе се земат предвид сите околности, посебно забелешките на претседателот, но посочи дека доколку не помине законското решение ќе треба да се почне со рушење на 50 000 куќи, бидејќи, како што рече доколку надлежните не постапат можат кривично да одговараат.
„Ова е последно носење закон со конечна цел, да заврши бесправното градење од независноста на државата, па дури и претходно, за време на поранешна Југославија. Единствената порака што треба да се испрати е дека не се исплаќа да се гради на диво. Што да правиме со граѓаните кои имаа право 8 години да ги легализираат објектите, но немаа пари? Немаа можност да платат елаборати, а правото законско им беше дадено. Можеме денеска да кажеме стоп на легализацијата, но тоа значи дека од утре ќе треба да се руши. Мора да се срушат 50 000 домови. Таа е одлуката пред која сум исправен јас, градоначалниците,и сите. Ќе ги срушиме овие домови или ќе дадеме можност да се легализираат, со тоа што велиме дека овој пат сите ќе платат 50 отсто повеќе, сите што не се под прагот на сиромаштијата. Затоа тргнавме во ова. Претседателот ни даде две укажувања, тоа е демократската функционалност на институцијата. Пред се вие новинарите, граѓаните, тие кои ги испраќаат пораките до нас, но и сите ние да ги решаваме проблемите во дослух така како што е најдобро. Така што може да се случи Собранието да не носи нов закон за легализација, да застанеме тука, ако преовладува такво мислење. Ако преовладува мислењето дека пред се и над се треба да ги заштитиме тие домови, ги тргнавме колективните згради. Нема колективни згради во законот бидејќи доминирше мислењето да не се дозволи. Така што треба да ја носиме одлуката на најтранспарентен начин. Ако кажеме од утре да ги рушиме 50 000 домови, да ги рушиме. Јас сум само Зоран, како што се и градоначалниците луѓе, институциите какви одлуки ќе донесат така и ќе постапуваме“,
рече Заев.