Во сообраќајката во која денеска загина пешак кај мостот „Гоце Делчев“ во Скопје, зад воланот на возилото марка „бе-ем-ве“ била мајката на загинатата Јелена Филиповиќ – девојката чии фотографии на билборди осамнаа пред скопскиот кривичен суд со напис „Возев пијан и дрогиран, ја убив Јелена“, објави „Слободен печат“.
Денешната сообраќајка била пријавена околу 11:25 часот. Пешакот на возраст од 76 години загина на местото на несреќата.
За случајот се огласија и од скопското обвинителство од каде рекоа дека првичните сознанија упатуваат на тоа дека до несреќата дошло кога автомобилот марка со кумановски регистарски ознаки удрил во пешак кој ја преминувал улицата во непосредна близина на мостот.
„По наредба на јавен обвинител ќе се врши обдукција на телото на починатиот, а од лицето кое управувало со автомобилот земени се примероци од крв и урина за да се утврди евентуално присуство на алкохол или други недозволени средства. Со наредба на јавниот обвинител ќе бидат обезбедени и снимките од видеонадзорот на околните објекти со цел да се утврдат причините за несреќата. Дежурниот јавен обвинител издаде наредба и за технички преглед на автомобилот“,
соопштија од обвинителството.
Јелена Филиповиќ беше 17-годишната девојка од Куманово која загина во 2020 година, ноќта кога се прославуваше Стара нова година. Враќајќи се кон Куманово со уште девојче и возачот на автомобилот тие излетаа од патот во близина на Миладиновци. За оваа сообраќајка во ноември лани беше изречена првостепена пресуда со 7 години и 6 месеци затвор за возачот на автомобилот.
Инаку, мажот кој загина денеска во близина на мостот „Гоце Делчев“ е втора жртва на скопските улици за помалку од 24 часа. Вчера загина 48-годишен жител на скопско Стајковци кој управувал со автомобил „фолксваген поло“ кој се судрил со возило „рено“ управувано од 21-годишен скопјанец.
Пред неполна недела, на пешачки премин кај „Сити Мол“ загина 24-годишна девојка од Радовиш кога во неа удри автомобил управуван од 22-годишно момче.