Со тешки телесни повреди се здобила и неговата 15-годишна ќерка, сопатничка во автомобилот
Возач загинал синоќа во сообраќајна несреќа во скопската населба Ново Лисиче, според информации од Јавното обвинителство по увидот на местото на сообраќајната несреќа што се случила околу полноќ во близина на трговскиот центар „Лиса“.
Според првичните сознанија, до несреќата дошло при судир на автомобил „рено“, управуван од 21-годишен скопјанец, и „фолксваген поло“, со кој управувал 48-годишен жител на Стајковци.
Во несреќата возачот на автомобилот „фолксваген“ се здобил со тешки телесни повреди на кои им подлегнал на самото место. Со тешки телесни повреди се здобила и неговата 15-годишна ќерка, сопатничка во автомобилот. Возачот на автомобилот „рено“ се здобил со телесни повреди и откако му била укажана лекарска помош тој е задржан во полициска станица, соопштија од Обвинителството.
Во насока на утврдување на причините за несреќата, јавниот обвинител издал наредба за обдукција на телото на починатиот, како и за вештачење на примероци од крв и урина од возачот на другиот автомобил, со цел да се утврди евентуално присуство на алкохол или други недозволени средства.
Со наредба на јавниот обвинител ќе бидат обезбедени и снимките од видеонадзорот на местото на несреќата преку системот „Безбеден град“.